Претставата „Грев или шприцер“ драмските аматери од Кичево ќе ја подготвуваат кон крајот на летото

68

Драмските аматери при Центарот за култура во Кичево, единствената претстава која финансиски е подржана од Министерство за култура „ Грев или шприцер“ од Сашко Насев ќе ја подготвуваат кон крајот на летото и почетокот на есента.

Дотогаш тие ќе се посветат на претставата која во претходната година ја подготвија и која во Кичево беше изведена само еднаш и тоа онлајн.

– Претставата „Грев или шприцер“ од Сашко Насев е единствената на македонски јазик за годинава која финансиски е подржана од Министерството за култура со 100 000 денари. Бидејќи се работи за бројна актерска екипа, подготовките ги планираме за периодот август, септември, кога учениците се враќаат на настава, а најголемиот дел од актерската екипа ќе бидат младите од средните училишта во градот со дополна од двајца до тројца постари актери.Според нашите планови до средината на октомври планираме да ја подготвиме оваа драмска претстава, по што таа премиерно ќе биде изведена во Центарот за култура, истакна Михајло Петрески, дипломиран актер и режисер на претставата.

Тој најави дека драмската претстава„ Ако останеш дома“ од Карој Сакони, која претходната година беше финансиски подржана од Министерството за култура на Македонија, на матичната сцена ќе биде изведена четири пати, бидејќи премиерната изведба во декември беше онлајн.

– Бидејќи драмската претстава „Ако останеш дома“ од Карој Сакони ниту еднаш не ја изведовме на матичната сцена и им останавме должни на нашите гледачи планираме кон крајот на овој и наредниот месец да ја одиграме барем три до четири пати, со што сметаме дека ќе го задоволиме интересот на љубителите на драмската уметност од нашиот град, рече Петрески и додаде дека оваа драмска претстава ќе биде пријавена и за Драмскиот аматерски фестивал, што ќе се одржи во Кочани.