Пред 75.роденден на Израел:„Реки од луѓе“ на улиците на Тел Авив против планот на Нетанјаху за реформи во судството

112
Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Десетици илјади демонстранти се собраа вечерва во Тел Авив и други градови низ Израел за да изразат противење на контроверзниот план за судски реформи на премиерот Бенјамин Нетанјаху на екстремно десничарската влада.

Масовни протести се одржаа 16-та по ред сабота, пред 75-годишнината од основањето на еврејската држава.

Оваа година празникот беше во сенка на една од најголемите кризи во историјата на Израел.

Планот на владата на Нетанјаху за слабеење на Врховниот суд ги налути Израелците кои го сметаат за напад врз системот на контроли и рамнотежа и закана за демократијата.

Демонстрантите носеа транспаренти на кои на фотографијата на Нетанјаху наместо „премиер“ пишуваше „министер на криминалот“.

Протестите ги парализираа израелските градови во март, а Нетанјаху беше принуден да го одложи спроведувањето на реформскиот план со надеж дека ќе се најде компромис.

Противниците, сепак, не се откажаа од протестот и бараат планот воопшто да не се спроведува.

Доколку се усвои реформата во судството, тоа ќе му овозможи на Нетанјаху, кому му се суди за корупција, и неговите партнери во коалицијата да го имаат последниот збор при назначувањето на судиите.

Парламентот (Кнесетот) контролиран од неговите сојузници ќе има моќ да ги поништи одлуките на Врховниот суд и да ја ограничи можноста за разгледување на законодавството.

Американскиот претседател Џозеф Бајден, лидерот на клучниот сојузник на Израел, јавно го критикуваше Нетанјаху за планот за реформи, велејќи дека „не може да продолжи по тој пат“.