Пред да научи италијански, нека научи што е почит!

319

Миленикот на најверните фанови на италијанскиот калчо гигант Милан, Паоло Малдини, остана сам помеѓу директорите откако пред неколку недели, главниот оперативец на „росонерите“, Иван Газидис, одлучи да стави крај на соработката со Звонимир Бобан. Италијанската јавност откри дека Газидис сака во новата сезона на местото на Малдини и Бобан да го ангажира познатиот германски стручњак, Ралф Рангник.

Пред неколку дена, спортскиот директор на РБ Лајпциг, потврди дека веќе седнал на преговарачката маса со челниците на седумкратниот европски клупски шампион, но преговорите биле ставени во мирување поради пандемијата со смртоносниот вирус Ковид-19.

Таквата негова изјава предизвика вознемиреност кај Малдини кој преку најпознатиот фудбалски портал „goal.com“ испрати јасна порака до Рангник.

  • Никогаш не сум се запознал со Рангник и никогаш сопствениците на клубот не ми кажале нешто поконкретно. Тоа што тој го бара, а тоа е да има целосна власт во клубот, има директно влијание и врз останатите луѓе во клубот. Затоа сакам да го замолам, пред да го научи италијанскиот јазик, прво да научи што е почитување. Голем е бројот на тие кои моментално работат во тешки услови и се обидуваат на секаков можен начин да ја комплетираат актуелната сезона. Ќе биде убаво ако Рангник тоа го сфати како што треба. Мене лично, ниту малку не ме интересира финансискиот аспект од таа приказна. За мене ова е приказна околу влијанието и моќта, а тие две работи имаат малку допирни точки со фудбалската работа, изјави легендарниот репрезентативец на Италија.

Главниот оперативец на Милан, Иван Газидис, веќе не крие дека сака по секоја цена да ги осигура услугите на Рангник, кој доколку ја прифати понудата да се пресели на „Сан Сиро“ за време на летниот преоден рок, во новата сезона ќе мора да извршува две функции, истовремено да биде и тренер на првиот тим, но и спортски директор. Во тој случај, на Малдини ќе му биде покажана излезната врата од клупските простории.