Прво тераа мајтап со неговото презиме, а сега молчат

68

На почетокот, италијанските коментатори не знаеа како точно да го изговорат неговото презиме, тренерите во Полска беа убедени дека ќе пропадне затоа што е тврдоглав, а на првиот тренинг во Џенова му кажаа дека ќе оствари голем успех доколку сезоната ја заврши со 12 постигнати погодоци.
Италијанскиот калчолигаш Џенова за 23-годишниот Кжистоф Пјонтек мораше да одвои 4 мил. евра, но шест месеци подоцна, напаѓачот беше купен од седумкратниот европски клупски шампион Милан за 35 мил. евра. Тоа е така затоа што Пјонтек на 21 одиграни натпревари постигна 19 погодоци.

За време на првите натпревари во Серија А, италијанските коментатори го изговараа “Пиатек”. Тоа изгледаше како некаква шега затоа што новинарите често се смееа кога ќе изговореа неговото презиме. Така беше се додека полскиот интернационалец не почна да ги кине противничките мрежи.

После само неколку недели, новинарите станаа максимално сериозни, па сфатија дека е Пјонтек. За пријателите е Пјона, а за најверните фанови на калчо гигантот е шанса повторно да сонуваат дека пристигнал новиот Шевченко или Пипо Инзаги. Пјона со три удари на двата натпревара одиграни за Милан постигна три погодоци, а на зелениот терен помина само 184 минути. Подобар скор од него имаат Лионел Меси (29 погодоци), сонародникот Роберт Левандовски (24) и Килиан Мбапе (24).

Благодарение на неговите погодоци, Милан го елиминира Наполи во полуфиналната рунда од Купот на Италија и освои еден бод на гостинскиот дуел против Рома.
Дури и клупските легенди, како Кларенс Сидорф и Андри Шевченко побараа слика со него.

  • Сидорф побара да направиме заедничка слика. Фантастично е тоа што сум препознаен од таквите луѓе кои сакаат да поразговараат со мене, како што направи Шевченко по дуелот со Наполи. Откако потпишав за Милан добив порака од Алваро Мората кој ми кажа дека ме следи и ми посака се најдобро. Тоа е нешто фантастично, изјави Пјонтек.

Денеска, на “Сан Сиро” никој не плаче по Гонзало Игуаин, кој побегна во редовите на лондонскиот премиерлигаш Челзи. Новиот бомбардер на “росонерите” откри зошто има инстант хемија помеѓу него и Милан.

  • Милан е голем напредок во мојата кариера. Бев импресиониран кога дојдов во Милано. На дуелот против Наполи бев толку фокусиран што не ги забележав овациите на најверните фанови. Навивачите ги слушнав во подтрибинскиот простор, кога спикерот ги читаше презимињата на играчите. Кога го стартувам натпреварот не излагам на зелениот терен се до моментот за загревање. Поопуштен сум кога сум на резервната клупа, тогаш фрлам око и на трибините. Фановите на МИлан толку напалено го дочекаа играчот кој се уште нема направено ништо за клубот, додаде Пјонтек.