“Низ трагичната судбина на познатиот југословенски актер Жарко Лаушевиќ, кој на врвот на кариерата, со сплет на трагични околности уби двајца млади, а третиот го рани, ќе се опише едно време, почетокот на војната во поранешна Југославија, сиромаштијата и изолацијата“, вели режисерот Бојан Вулетиќ. Според него улогата на Жарко Лаушевиќ, ќе ја толкува “моментално најдобар актер од помладата генерација” – Милан Мариќ, чија актерската умешност македонската публика имаше можност да ја види во филмот “Тома“ кој се прикажуваше и во кината низ Македонија

 

Напролет ќе започне снимањето на серијата „Пад“ по мотивите на книгата „Годината минува, денот никогаш“ на познатиот југословенски актер Жарко Лаушевиќ “Лауш“, која предизвика големо медиумско внимание, а неговиот лик ќе го толкува младиот Милан Мариќ. Тој на пошироката публика и е познат по актуелниот филм “Тома“ во кој го глуми легендарниот српски пејач, композитор и боем Тома Здравковиќ. Очигледно неговата одлична глума во овој емотивен филм, кој предизвика огромно внимание не само во Србија туку и пошироко на екс Ју просторот, а беше прикажан и во кината низ Македонија, е и главната причина режисерот Бојан Вулетиќ да се одлучи за него.

Според некои српски медиуми во опција имало неколку актери, а најсериозен конкурент на Мариќ за улогата на Лаушевиќ бил популарниот Милош Биковиќ.

Инаку, сценариото за новата серија, која се чека со големо нетрпение, го потпишуваат Бојан Вулетиќ и Петар Михајловиќ кои работеа и на „Јужен ветер“. Продукцијата е на „Firefly“, со која режисерот Вулетиќ, веќе соработуваше на серијата „Семејство“ за апсењето на Слободан Милошевиќ.

“Со мотивите од неговата книга ќе се опише едно време, почетокот на војната во поранешна Југославија, сиромаштијата и изолацијата низ трагичната судбина на најпознатиот југословенски актер. Сценариото не е само препишана книга, туку сценаристите слободно интерпретирале одредени делови, збогатувајќи го со ликови и настани што ги нема во самата автобиографија“, истакнува Вулетиќ.

Младиот режисер веќе соработуваше со Милан Мариќ во серијата „Семејство“, каде актерот го играше Чедомир Јовановиќ.

Според него улогата на познатиот југословенски актер кој е на врвот на кариерата, но кој со сплет на трагични околности уби двајца млади, а третиот го рани, ќе ја толкува “моментално најдобар актер од помладата генерација“- Милан Мариќ.

“Беше логичен избор не само поради фантастичната соработка на серијата ‘Семејство’ туку и поради силното емотивно напластување, кое само тој може да му го даде на толку сложениот лик“ – објаснува Вулетиќ. Тој исто така нагласува дека серијата ќе биде силна посветеност на актерството и актерите од овие наши краишта, но ќе обработува и теми карактеристични за трагичното време од 1990-тите во поранешна Југославија.

“Како тоа влијае на судбината на обичните луѓе? Како може креативната, уметничка енергија да стане деструктивна и уривачка? Што е тоа што не води кон уништување? Ова се само дел од многу сложените и предизвикувачки теми со кои ќе се занимаваме во новата серија „Пад“, открива режисерот.

Вулетиќ и е познат на македонската публика и по филмот “Реквијем за госпоѓа Ј“ кој обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и емотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Во овој филм кој беше прикажан на Скопскиот филмски фестивал, Мирјана Карановиќ ја толкува главната улога.

Фото:Фејсбук