По повод 500-годишнината од смртта: Во Рим повторно се отвора грандиозната изложба на дела од Рафаел

256

Импозантната изложба на ремек-делата од Рафаел Санти, по повод одбележувањето на 500-годишнината од смртта на еден од најголемите уметници на италијанската ренесанса, ќе биде повторно отворена на 2 јуни, дента кога требаше да биде затворена. Таа првично беше отворена на 6 март, но само три дена потоа, беше затворена бидејќи Италија мораше да преземе построги мерки поради ширењето на коронавирусот. Делата за оваа изложба беа позајмени и од Музеите Лувр, Прадо, Националната галерија во Вашингтон, Националната галерија во Лондон и, секако, Галеријата Уфици во Фиренца, организатор на оваа спектакуларна поставка


Најголемата изложба на делата на еден од најпознатите сликари на италијанската ренесанса Рафаел Санти првично беше отворена на 6 март, но само три дена потоа, Италија мораше да преземе построги мерки поради ширењето на коронавирусот, така што и оваа грандиозна изложба мораше да биде затворена.

И затоа изложбата на ремек-делата од големиот ренесансен уметник ќе биде повторно отворена на 2 јуни во Римското Квиринале, дента кога требаше всушност да биде затворена. Организаторите најавија дека љубителите на уметноста од 2 јуни до 30 август можат да видат околу 200 слики, цртежи и други дела во Римското Квиринале (Scuderie del Quirinale).

Делата за оваа изложба беа позајмени и од Музеите Лувр, Прадо, Националната галерија во Вашингтон, Националната галерија во Лондон и, секако, Галеријата Уфици во Фиренца, која е организатор на оваа спектакуларна поставка.

Со оваа изложба многу дела за првпат од смртта на уметникот повторно се во Рим.
Инаку, изложбата на делата на Рафаел, организирана како дел од одбележувањето на 500-годишнината од смртта на еден од најголемите уметници на италијанската ренесанса, ќе биде отворена до доцна во ноќта, со цел да се намалат ризиците од создавање гужви од посетителите.

Со постепеното олеснување на мерките кои се донесоа заради ковид-19, пак, од 3 јуни Италијанците ќе можат да патуваат меѓу регионите. Како што е познато, туризмот е клучна стопанска гранка и најголем извор на приходи во Италија, така што нејзините официјални претставници изразија надеж дека и другите земји ќе им овозможат на своите граѓани наскоро да патуваат. Италија е прва европска земја каде што се појави коронавирусот и една од најтешко погодените земји во светот.

Кој е Рафаел – уметникот кој се роди и почина на ист ден…

Еден од најпознатите сликари на италијанската ренесанса, Рафаел Санти да Урбино (Raffaello Santi da Urbino), е роден на 6 април, во градот Урбино во Италија во 1483 година. Истиот ден, само 47 години подоцна (1520 година), Рафаел починал во Рим. Тој бил син на Џoвани Санти, кој како сликар бил вработен во дорецот Монтефелтро и мајка му Маџо де Батиста Шарле. Покрај татко му, Рафаел се запознал со познати сликари кои во тоа време исто така работеле на дворот во Урбино, а младиот Рафаел бил особено импресиониран од геометриски обликуваните слики на Пјеро дела Франческа.

Првото сликарско образование Рафаел го добил од својот татко, за потоа да се пресели во работилница со Пјетро Ванучи (Перуџи), кој во тоа време, според Вазари, кој пишувал за животот на Рафаел, имал голема работилница и во Перуџа и во Фиренца каде обучувал голем број студенти.

Рафаел бил најрепрезентативниот сликар на ренесансата, кој во својата уметност ги вметнал сите претходни знаења и искуства од уметноста (кјароскуро, сфумато и композициите од Леонардо, како и карактерот и волуменот на ликовите од Микеланџело).

За време на Фирентскиот период, создадени се неговите големи олтарски слики, меѓу кои најпознати се „Мадона под балдахинот“, „Поставување во гробница“, поголем број Мадони (Мадона во зелена, Светото семејство, Свадбата на Богородица, Мадона дел Грандука, Мадона Колона, Убава градинарка…), неколку прикази на светото семејство и портрети, како и бројни цртежи и студии на актови.

И додека Микеланџело работел на сликање на Сикстинската капела, Рафаел сликал фрески во полујавните простории на Ватикан. Три од овие фрески, Атинската школа, Светите разговори и Поетиката се славни ремек-дела кои ги претставуваат врвните дисциплини кои биле почитувани во ренесансата: филозофијата, религијата и уметноста.

Тој повремено работел и на сценографија, како еден вид следбеник на стилот на Браманте на Високата ренесанса и класицизмот на Андреа Паладио. Дизајнирал и голем број згради, вклучувајќи ги Вилата Мадам, Палатата Дела Вале и Видони-Кафарели, како и гробницата на Чиѓи во црквата Санта Марија дел Пополо во Рим.