По општините се распрскува течност против замрзнување на улиците

58

Во средата екипи на Општина Центар, со специјални возила на локации на територија на Општината распрскуваа емулзиона течност против замрзнување на улиците.

Акцијата за распрскување на улиците е извршена во и околу населбата Водно, населбата Кале и сите потешко пристапни улици во Центар, во пресрет на предупредувањата на УХМР за евентуални врнежи на снег.

– Нанесувањето на емулзионата течност, активност која Општина Центар ја спроведува секоја година, делува превентивно, не дозволува замрзнување на асфалтот при врнежи на снег и на граѓаните им овозможува нормално и непречено движење и одвивање на сообраќајот при зимски услови – потенцираат општинските власти.

Зимската служба на општина Гази Баба е ставена на ниво на подготвеност, по добиените најави од УХМР за снежни врнежи кои се очекуваат.

– Превентивно во текот на дeнешниот беше извршено прскање на повеќе критични точки со посебно средство кое спречува заледување на коловозот при снежни врнежи. Третирани се регионалните патни правци од Идризово до пруга Хиподром, од Стајковци до Раштак, надвозниците на овие патни правци, надвозникот кај ООУ „Наум Наумовски Борче“, улицата „Фуштанска“, како и критичните улици по кои се движи јавниот превоз – информираат од општина Гази Баба.

Општина Карпош информира дека нивната Зимска служба распрскува емулзиона течност по дел од повисоките места – населби (Бардовци, Жданец и Трнодол). Оттаму објаснуваат дека станува збор за средство, чија цел е да спречи заледување на коловозот во пресрет на најавените снежни врнежи.

– Течноста се распрскува непосредно пред најавени снежни врнежи, со цел да се придонесе кон полесно топење на снегот по сообраќајниците и пешачките зони -потенцираат општинските власти.

Тие додаваат дека Општина Карпош е во постојана комуникација со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и во консултација со стручните лица од оваа институција, се преземаат превентивни активности за полесно справување со најавениот снег.

– Имено, поинтензивни  врнежи од снег се очекуваат во текот на утрешниот ден (од 2 до 5 цм во скопската котлина). Намерата на локалната самоуправа е примарно да се исчистат повисоките места (населби), како и да се обезбеди безбедно движење на граѓаните по пофреквентните зони – заклучија од локалната самоуправа.