Почнува реализација на проектот „Македонија без кал“

118

– Почнува голема сезона на изградба и реализација на проектот „Македонија без кал“. Со овој проект Владата сака да обезбеди рамномерен регионален развој и да понуди еднакви можности за живот за сите. Затоа, апелирам локалната власт посветено да работи на проекти со цел да добиеме понуда на квалитетни проекти што заеднички ќе ги реализираме. Токму поради тоа посветеноста на општините мора да биде зајакната со што ќе направиме вистински пресврт на секоја улица, во секое маало, село или град – истакна премиерот Оливер Спасовски на потпишувањето Меморандум за соработка со сите општини во земјава (80) и Градот Скопје нагласувајќи дека преку овој проект се овозможува зголема мобилност на граѓаните, безбедноста на патиштата, преку санирање на црни точки, поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, осветлување.

На потпишувањето присуствуваше и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и министрите за транспорт и врски и за финансии, Горан Сугарески и Нина Ангеловска.

– Со проектот за санација и рехабилитација на локални патишта во 80 општини и Градот Скопје ќе бидат опфатени улици и патишта во вкупна должина од 450 километри  за што од Светска банка се обезбедени 70 милиони евра. Висината на средствата се различни и се утврдени согласно методологијата на Светската банка. Како критериуми се земени: бројот на население и населени места, површината на општината како и бројот на регистрирани моторни возила во таа општина. Според оваа методологија на секоја општина на располагање и стојат од 500 илјади до 2 милиони евра – истакна министерот Сугарески.

Тој потсети дека до Светската банка на одобрување веќе е доставен првиот проект вреден 5 милиони евра со кој е предвидена санација на патишта со вкупна должина од 23 километри. Најави и дека ќе се спроведат и обуки за жени превозници и преквалификација на лица поврзани со транспорт.

Вицепремиерката Царовска нагласи дека со проектот се обезбедува побрз и побезбеден транспорт, санација на постојната локална инфраструктура, особено во деловите што беа заборавени. Министерката Ангеловска истакна дека секој вложен денар во инфаструктурата се враќа четирикратно повеќе во економијата.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ изрази надеж дека помошта што државата им ја дава на локалните самоуправи преку овој проект и со изградбата на водоводи и канализации ќе ги направи нашите општини, кои се најсиромашни во Европа, на приближно добро ниво.

– Во периодот што претстои, со реализацијата на проектот ќе се обезбедат нови локални патишта и улици со што ќе се олесни пристапот кон одреден број на пазари и услуги, ќе се зголеми безбедноста при движењето на учесниците во сообраќајот, а истовремено ќе се подобри и националната политика за управувањето со локалните патишта – вели градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

(С.Бл.)