Почна пријавувањето за набавка на огревно дрво во Делчево и Македонска Каменица

33

Во Делчево и Македонска Каменица започна пријавувањето за набавка на огревно дрво за следната грејна сезона. Пријавувањето и годинава ќе го врши Шумско стопанство „Голак“ Делчево, од каде информираат дека е во тек склучувањето договори со заинтересирани правни и физички лица кои од подружницата ќе набавуваат огревно дрво.

– За да нема доцнење во испораката на огревно дрво, ги известуваме граѓаните дека веќе се врши доставување на барања за склучување договор за испорака на огревно дрво за следната грејна сезона. Договори ќе се склучуваат со правните и физички лица од територијата на Делчево и Македонска Каменица кои ќе ги достават потребните документи до нашата подружница. За деталите и начинот на испорака и потребната документација граѓаните можат се обратат до нашата подружница, од каде детално ќе ги добијат сите потребни информации – велат од Шумско стопанство „Голак“ Делчево.

Оттаму додаваат дека претходната година, за потребите на жителите од двете општини се испорачани над 30.000 кубни метри дрва, од кои десет илјади се набавени преку делчевската подружница на „Национални шуми“.

За ранливите категории, инвалиди и пензионери, од претпријатието годинава како што дополнија предвидено е олеснување околу условите на плаќање за набавената количина дрва.

За кубен метар дабово дрво граѓаните и годинава ќе треба да издвојат 2.970 денари, додека 2.870 денари чини кубик буково дрво од прва класа. Секоја година поради бесправна сеча на дрва и несоодветни документи во рамките на спроведените акции за фаќање на дрвокрадци на териоторијата на Делчево и Каменица се одземаат по околу 100 кубни метри дрва.