Почна засадувањето на 200 ореви во општина Карпош

53

Почна пролетната акција за засадување на 200 ореви во сите населби низ општина Карпош.

Од Општината информираат дека комуналните служби садат во близина на кејот на Вардар, во Карпош 4, долж улица „Желево“, Козле кај „Јуриј Гагарин“, на плоштадот „Делфина“ во Влае 2 и на улицата „Женевска“, во Тафталиџе 2.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев изјави дека на овој начин дополнително се зголемува меѓублоковското зеленило-зеленилото меѓу зградите.

Претходно, ваков тип дрвја беа засадени по дворовите на градинките и основни училишта.

– Оваа година ќе засадиме и 150 други висококвалитетни дрвја. Исто така, планираме и подигнување на четири нови маалски паркови, со тревни површини, украсни растенија и системи за наводнување- најави Богоев.

Тој нагласи дека намаленото аерозагадување треба да нѐ мотивира сите, уште повеќе да вложуваме во зелени површини, еко-системи на греење, субвенции за велосипеди, обновливи извори на енергија, во планска урбанизација и дисперзирање на градбата кон периферијата.