Почнаа пукотниците од петарди, а МВР организира превентивна кампања

96

Вознемирувачките звуци од пукањето на петарди веќе се слушаат низ скопските населби, посебно во вечерните часови, како и секоја година пред новогодишните и божиќните празници. Тоа го прават особено тинејџерите иако знаат дека петардите се опасни и дека од нив може да се настрада, и иако се случувало при нивната експлозија, држејќи ги во рака некој и да си ја повреди шаката и да ги изгуби прстите.

Во давањето лош пример на помладите не изостануваат и возрасните и покрај предупредувањата од страна на полицијата и казнените мерки за нивната употреба и застрашувачкиот податок кој вели дека на годишно ниво во светот страдаат над 180.000 лица од употреба на пиротехнички средства.

Меѓутоа, ова не би се случувало ако петардите и другите пиротехнички средства не се лесно достапни и се продаваат на зелените пазари, а некои им ги нудат на возачите застанати на раскрсница.

Токму со намера на граѓаните да им се укаже на можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства за време на новогодишните и божиќните празници, Министерството за внатрешни работи и годинава организира превентивна кампања.

– Основна цел на кампањата е намалување на бројот на повредите од употреба на петарди и други пиротехнички средства, како и преземање на превентивни активности насочени кон одржување и подигнување на општото ниво на безбедност – соопштија од МВР.

Исто така, МВР презема и репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.

Така, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, во членот 31 предвидува дека кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност, додека во Кривичниот законик во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и тоа: „Тој којшто неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години.

Ако се работи за поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години. Ако делото е сторено во група, банда или друго злосторничко здружение, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години.

Предметите и средствата за нивно изработување, пренесување и растурање ќе се одземат.

(А.П.)