Во студените зимски денови, ништо не може да ве загрее како чинија топла супа. Независно дали ќе подготвите домашна супа со тестенини, со кнедли или потаж од зеленчук, подеднакво ќе уживате во вкусот.

Зборот „потаж“ потекнува од францускиот збор „potage“, што во превод значи густа супа, чорба од повеќе видови зеленчук со додаток на тесто.

Доколку немате многу време, а сакате нешто вкусно на лажица, ова е идеално јадење за вас. Ви ја предлагаме основата на потажот, а вие можете да ја модфицирате со повеќе видови на зеленчук, што секако зависи од вашиот вкус.

Состојки:

  • 2 компири
  • 2 моркови
  • 1 корен од целер
  • 1 корен од пашканат
  • 1 кромид
  • сецкан магдонос
  • 100 гр брокула
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 помала тиквичка
  • 1,5 литар вода
  • сол, бибер, зачин од мешан зеленчук (и други зачини по вкус)

Подготовка:

Зеленчукот убаво се мие, се лупи и се сецка на помали парчиња. Така насецкан, ставете го во вода, а потоа и на оган да се вари. Откако ќе зоврие нека се вари околу 30 минути, или додека не се свари зеленчукот.

Сварениот зеленчук ставете го во блендер, добро да се испасира, а потоа вратето го во тенџерето во кое се вареше. Оставете да врие уште неколку минути, и тогаш додадете ги потребните зачини по вкус. На крајот можете да додадете и малку сецкан магдонос.

Пријатен вкус!