Половните возила ќе поскапат за минимум 500 евра ако увозот се ограничи на најмалку ЕУРО 5 стандард

Оваа година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава. А, во однос на мерки ние веќе спроведуваме неколку мерки за вградување на плински уреди во возилата, најави министерот за економија Крешник Бектеши

725

Откако лани воведе посебна такса при увоз на возила што повеќе загадуваат, со што ја крена цената на половните автомобили, државата најавува дека наскоро увозот може да го ограничи на возила со најмалку ЕУРО 5 стандард. Сега е дозволен увоз на возила со најмалку ЕУРО 4.

Според министерот за економија Крешник Бектеши за ова веќе имале дискусии со Министерството за животна средина, а причина за воведување на оваа мерка би била намалување на загадувањето.

-Оваа година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава. А, во однос на мерки ние веќе спроведуваме неколку мерки за вградување на плински уреди во возилата, изјави тој.

И додека увозниците на половни автомобили негодуваат, зашто со новата давачка и кризата прометот им е и онака десеткуван, Бектеши смирува, па вели дека се бараат средства за уште две мерки со кои на граѓаните би им се олеснил пристапот до возилата кои помалку загадуваат, но се поскапи. Едната е за директна финансиска помош на оние кои би замениле возило со стандард под ЕУРО4 со возило со повисок еуростандард, а другата е субвенции за купување на хибридни возила.

Увозниците велат дека досега најпродавани се возилата до три илјади евра, додека ако увозот се ограничи на возила со најмалку ЕУРО5, цената би скокнала за најмалку 500 евра.

Минатата година трговците со половни возила поминаа лошо. Тоа го потврдува статистиката на Царинската управа. Лани во државата биле увезени 32.288 патнички возила, од кои околу пет илјади биле нови, а 23.880 употребувани. Во 2019 година биле увезени вкупно околу 49 илјади патнички автомобили, од кои малку над 6.300 нови и околу 39.000 употребувани. Ова значи дека лани во услови на корона и поголеми давачки се увезени за околу 15.000 половни автомобили помалку отколку преклани.

Што ќе значи реализацијата на најавата за увоз на возила со повисок стандард за овој бизнис, но и за подновувањето на возниот парк во државата, со оглед на истенчениот џеб на граѓаните, останува да видиме.

(С.В.)