Подготвени за 15 октомври?!

Најдовте решение на драматичните политички кризи во вашата земја. Преку вашите договори со Бугарија и Грција вие станавте шампиони на политичката зрелост во регионот. Тоа е импресивно и меѓународно признато постигнување, што не треба да биде занемарено од лидерите на ЕУ, порача претседателот на Европскиот совет. Премиерот Заев изјави дека очекува на состанокот на Советот на ЕУ на 15 октомври, со кој ќе претседава Туск, да биде донесена одлука за почеток на преговорите без одложување

205

Северна Македонија си ја заврши работата и сега е ред на лидерите на ЕУ да го завршат своето, порача претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск на вчерашната заедничка прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев. Туск ја пофали земјава за покажана политичка зрелост и за достигнувањата и истакна дека е направено сè што се очекуваше за да може да се почнат преговорите за пристап во ЕУ.

– Скопје е најдоброто можно место каде што би сакал да ги повикам лидерите на Европската Унија да си ја завршат нивната работа. Во јуни јасно кажав дека земјата направи сè што се очекуваше од вас за да може да се почнат преговорите за пристап во ЕУ и согласно со препораките на ЕК. Напорите на земјата беа извонредни во последните години. Заедно ја издржавме една од најтешките миграциски кризи. Северна Македонија го помина овој тест подобро од многу членки на ЕУ. Најдовте решение на драматичните политички кризи во вашата земја. Преку вашите договори со Бугарија и Грција вие станавте шампиони на политичката зрелост во регионот. Тоа е импресивно и меѓународно признато постигнување, што не треба да биде занемарено од лидерите на ЕУ, рече Туск.

Високиот гостин истакна дека лидерите на ЕУ на средбата во јуни се обврзале да донесат јасна и одржлива одлука во октомври за отворање на преговорите.

– Вашата земја во последните две години направи сè што се очекуваше од вас за да може да се почнат преговорите за пристап во ЕУ и согласно со препораките на ЕК. Тоа продолжува да биде мој цврст став. Вашата земја направи сè. Сакам да биде кристално јасно дека не постои сомнеж во Брисел во однос на вашата политичка обврска кон владеење на правото и борбата против корупцијата, истакна Туск, кој испрати порака за продолжување на реформите и иако за тоа ќе биде потребно многу трпение, Туск вели дека нема сомнеж дека земјава има квалитети да го направи тоа.

Премиерот Зоран Заев изрази желба ова заедничко пријателство да се круниса со заеднички успех во октомври, затоа што, како што рече, тоа е заеднички интерес и на Северна Македонија и на ЕУ. По 10 препораки од ЕУ и постигнатите резултати, Заев е убеден дека земјата е подготвена да ги совлада предизвиците кои доаѓаат со отворањето на преговорите. Тој очекува на состанокот на Советот на ЕУ на 15 октомври, со кој ќе претседава Туск, да биде донесена одлука за почеток на преговорите без одложување.

 -Ова е период од најголема важност за постигнување на стратешките цели на нашата земја со долгорочно и суштинско значење за нашите граѓани. Со започнувањето на преговорите влегуваме во трансформациско патување кон членство во ЕУ. Тоа е незаменлива алатка која генерира успешни приказни во земјите кандидати, рече Заев на заедничката прес-конференција со Доналд Туск.

Премиерот увери дека обврските за спроведување на понатамошните резултати продолжуваат особено во областа на владеење на правото, согласно со европските вредности и стандарди.

– Во тие рамки ја гледаме и дебатата и за законот за Јавно обвинителство. Случајот „Рекет“ е силен тест за судството и за успех на реформите. Институционалното разрешување на овој и на сите случаи ќе ја докаже независноста на правосудниот систем и јаката политичка волја против корупцијата. Тоа е европскиот начин и начин на правната држава и владеење на правото, нагласи Заев.

Туск се сретна и со шефот на државата Стево Пендаровски, кој изразил очекување дека Европскиот совет во октомври ќе ги валоризира напорите на државата и ќе ја верификува десеттата препорака на Европската комисија преку одредување на датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Пендаровски, како што соопштија од неговиот Кабинет, истакнал дека стартот на преговорите ќе биде силен импулс за натамошно реализирање на реформите до идно членство на земјава во Унијата, што ќе придонесе за стабилност и просперитет на државата и на регионот.