Анализа што е најевтино и најисплатливо за граѓаните во претстојнава грејна сезона: Кој има пари ќе се грее, кој нема нека си купи ќебе!

819

Направивме анализа со цел да им помогнеме на граѓаните полесно да се одлучат со кој енергенс (струја, дрва, пелети, парно греење) зимово ќе ги затоплат своите простории. Анализата покажа дека затоплувањето со инвертор-клими е најисплатливо за граѓаните, бидејќи е двојно поевтино од греење на струја, парно греење и огревно дрво. Тројно поскапо е затоплувањето со печки на пелети, а најскапо е со нафта за домаќинства

Грејната сезона наближува, па сè повеќе граѓаните се прашуваат на што е најисплатливо зимава да се греат. Направивме анализа со цел да им помогнеме полесно да се одлучат со кој енергенс (струја, дрва, пелети, парно греење) зимово ќе ги затоплат своите простории.

Анализата покажа дека затоплувањето со инвертор-клими е најисплатливо за граѓаните, а истовремено не ја загадува животната средина бидејќи користи електрична енергија. Деновиве Владата (тоа веќе го прават и од Град Скопје) го промовираат овој начин на греење, со тоа што субвенционираат, односно им помагаат на оние што сакаат да се греат со инвертор.

Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули истакна дека греењето на површина од 60 квадратни метри со инвертор ќе го чини едно домаќинство 11.734 денари. Значи, ем евтино ем не го загадува амбиенталниот воздух.

– Владата ќе го субвенционира целиот износ до 60.000 денари за купување на нова клима-инвертер за замена на печките на цврсто гориво. Субвенциите ќе се покријат од буџетот на ЕСМ, а за оваа мерка од државната каса ќе се потрошат од 3 до 4 милиони евра – истакна Макрадули.

Мерката ќе почне да се спроведува како пилот-проект во четири града и тоа Битола и Кичево како градови во кои има термоелектрани, Скопје како главен град и Тетово како еден од најзагадените во земјава.

Град Скопје, пак, за секој купен инвертор клима-уред ќе му субвенционира на купувачот половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари.

Инверторите се клима-уреди што работат на пониски температури и трошат помалку електрична енергија од вообичаените клими. Инаку, затоплувањето со инвертори експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури, под – 15 степени Целзиусови, инверторот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.

Греењето на струја е еколошки прифатливо

Греењето со електрична енергија за стан со површина од 60 квадратни метри чини од 20.000 до 24.000 денари. Според експертите, ако дневно се трошат по 130 денари за загревање или 3.900 денари месечно, се доаѓа до 24.000 денари годишно колку што би го чинело едно домаќинство ако струјата ја користи за затоплување.

Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.

Во Македонија особено е тешко да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.

Греењето на струја, според експертите, во моментов е еколошки најприфатливо за урбаните средини, но ако се земе предвид дека 70 отсто од потребите за електрична енергија се обезбедуваат од РЕК „Битола“ која работи на јаглен со тоа значително ја загадува животната средина во непосредната околина на термоцентралата.

Со парно се затоплува цел стан

Скопје е единствениот град во земјава со централен топловоден систем, иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи. Според пресметките, затоплувањето на стан од 60 квадратни метри чини 24.000 денари годишно. Во август годинава парното греење во Скопје поевтини за 3,1 отсто.

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје изнесува 931 денар за потрошен киловат-час топлинска енергија, а кај Скопје север 959 денар по киловат-час. АД Електрани на Македонија – Подружница енергетика, пак, наплаќа паушална цена која изнесува 34,37 денари по квадратен метар доколку се плаќа на 12 рати или 68,74 денари ако се плаќа на шест рати.

Пресметката, според калкулаторот на РКЕ, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 квадратни метри се неопходни околу 24.000 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.

Податоците на БЕГ покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град или преку 55.000 се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.

Огревно дрво има доволно

Според експертите, ако греењето со електрична енергија е еколошки најприфатливо, затоплувањето со огревни дрва сè уште е економски најисплатливо во деловите од земјава каде нема централно греење. Пресметките покажуваат дека просечно македонско домаќинство одвојува од 20 до 23 илјади денари годишно доколку го користи дрвото за затоплување.

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се произведува во земјава на годишно ниво, која изнесува околу 780.000 кубни метри, со просечниот број на кубни метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Во стовариштата што ги прашавме велат дека имаат дрва за огрев и не очекуваат да има проблем со снабдувањето. Од „Караџица“ велат дека побарувачката на дрва не е толку голема за сега, со оглед на тоа што Владата и Градот Скопје почнаа да субвенционираат инвертори.

– Уште 10 проценти од уплатените дрва не се однесени до купувачите, додека останатите се испорачани – велат од „Караџица“.

Од таму додаваат дека оваа година се склучени договори за вкупно 2.600 метри просторни за физички лица, додека лани биле испорачани 5.800 метри просторни дрва. Цената на буката ова стовариште е 2.371 денар за еден просторен метар, додека дабот чини 2.453 денари за еден просторен метар.

– Во моментов кај нас нема даб, бидејќи немаме сечишта на даб – потенцираат од „Караџица“.  

Од јавното претпријатие „Национални шуми“ велат дека субвенционирањето на инвертори не влијае врз побарувачката на дрва.

– Нема драстично отстапување на побарувачката на дрва кај нас. Таа е стандардна, како и годините наназад. Луѓето имаат доверба во нас – изјави Борче Бојчовски, комерцијален директор во „Национални шуми“.

Овде цената на буката е 2.370 денар за метар просторен, додека на дабот е 2.450 денари.

Греење на пелети поскапо од она со дрва

Затоплувањето со печка со пелети на површина од 60 квадратни метри чини 36.000 денари. Овој начин на греење е еколошки поприфатливо, но е поскапо од греење со огревно дрво.

Со субвенциите што ги дава Град Скопје и некои општини во внатрешноста за купување на печки на пелети, одреден процент на граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој енергенс.

Субвенцијата изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката не ги опфаќа домаќинствата во Скопје што имаат приклучок на градското централно греење.

Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелети дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во стовариштата и на интернет чини од 12.930 до 14.600 денари за тон, а во малопродажните објекти се движи од 14 до 18 денари за килограм во зависност од квалитетот, односно од 210 денари до 270 денари за 15 килограми.

Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 6.000 денари или околу 36.000 денари на годишно ниво за загревање на површина од 60 квадратни метри.

Греењето со гас не загадува

Има уште три начини на затоплување – со гас, на јаглен, со геотермални води и со нафта за домаќинства.

Доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас кое речиси и да не ја загадува животната средина. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава сè уште нема соодветна гасоводна мрежа.

Има можност и за затоплувањето со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култури под стакленици, а има и домаќинства во Куманово и Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и Кичево кои се греат на јаглен.

Според анализите, греењето на површина од 60 квадратни метри со нафта е најскапо и чини 43.038 денари. 

Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во Македонија користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.

Да се применува процесот на пиролиза

Доколку сака еколошки чиста средина и незагаден воздух државата треба да го користи процесот пиролиза, вели Зоран Апостоловски, управител и основач на фирмата „Брапо“- стовариште за брикети и дрвена граѓа.

Тој објаснува дека се произведуваат котли за пиролиза во Србија, Хрватска и дека државата треба да ги форсира нив.

– Доколку го оставиме дрвото да согорува над 100 степени Целзиусови, од него се вади метанот (гасот) и тоа е еколошко согорување, а како нус производ од тоа согорување на дрвото не е пепел, туку црна земја која е квалитетна и може да се користи како природно ѓубриво – објаснува Апостоловски. 

 

                                 ТАБЕЛА:

-греење со инвертор-клими на површина од 60 м2 чини 11.734 денари;

-греење на струја на површина од 60 м2 чини од 20.000 до 24.000 денари;

-греење со дрва на површина од 60 м2 чини 23.000 денари;

– централно греење на површина од 60 м2 чини 24.000 денари;

-греење на печка со пелети на површина од 60 м2 чини 36.000 денари;

-греење со нафта на 60 м2 чини 43.038 денари;

(А.П.)