„Научните аргументи и вистината се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже. Заради нашите претци, поради нас самите и заради обврската да ја сочуваме нашата духовна татковина како што на времето се изрази за нашиот јазик големиот Блаже Конески. Токму Конески со своите капитални трудови меѓу кои ‘Граматиката на македонскиот јазик’ и ‘Историјата на македонскиот јазик’ постави цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања“, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето по повод манифестацијата „Отворени денови“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

„За жал и покрај тоа што поминаа седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење, во меѓувреме, беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата засебност и постоење. Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени најчесто политички и политичко-академски кругови од нашето непосредно опкружување. Сакам да нагласам дека научните аргументи и вистината се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже. Заради нашите претци, поради нас самите и заради обврската да ја сочуваме нашата духовна татковина како што на времето се изрази за нашиот јазик големиот Блаже Конески. Токму Конески со своите капитални трудови меѓу кои ‘Граматиката на македонскиот јазик’ и ‘Историјата на македонскиот јазик’ постави цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања“, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето по повод манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Тој  истовремено го честиташе и големиот јубилеј 75-години од официјализирањето на современиот македонски јазик.

„Имено на 5 мај 1945 беше озаконета македонската азбука, а на 7 јуни беше издадена и првата читанка – буквар на македонски јазик. Токму оваа значајна годишнина е тема на ‘Отворените денови’ на Институтот за македонски јазик во кои покрај останатите содржини централно место зазема и Меѓународната научна конференција ‘Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)’“, додаде Пендаровски. Тој побара од Институтот за македонски јазик, надоврзувајќи се на делото на Конески, со уште поголема страст да продолжи со научната работа и напорите за проучување и афирмирање на македонскиот јазик.

Тој ја реафирмираше и потребата од засилена поддршка на научните истражувања за македонскиот јазик и македонските дијалекти, особено поради кратењата во буџетот за оваа година заради пандемијата. „Се намалуваат средствата за научни и образовни установи и се стопираат научните проекти. Сакам да апелирам, и покрај економската криза, да се најдат средства и да се поддржат сите научно-истражувачки проекти. Убеден сум дека македонската наука има уште многу што да каже, како и бројните македонисти и слависти низ светот“, заврши претседателот Пендаровски.

Проф. др Елена Јованова-Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик пак, посочи дека со заокружувањето на кодификацијата на современиот македонски јазик со македонската азбука на 5 мај и правописот на 7 јуни 1945 година се остварија вековните стремежи на нашите светители, просветители, учебникари, преродбеници, борци на македонска држава за службен македонски јазик.

„Со формирањето на Институтот од нашиот професор Блаже Конески, и неговите современици и продолжувачи, Крум Тошев, Трајко Стаматовски, Кирил Коневски, Благоја Корубин, Божидар Видоески, Радмила Угриновска-Скаловска, Лилјана Минова Ѓуркова… се продлабочија проучувањата на историскиот, дијалектниот ономастичкиот, лексичкиот и современиот развој на македонскиот јазик, што резултира со капитални дела од областа на македонистиката и славистиката“, истакна Јованова-Грујовска. Таа се потсети на богатата издавачка продукција во која партиципира пред сè научниот кадар на Институтот.

„Преку овие дела ја испраќаме нашата порака: Да, стандардниот македонски јазик постои, има свој историски развој, сегашност и зацртан развој во рамките на словенските, балканските и индоевропските јазици“, посочи Јованова-Грујовска истакнувајќи дека Институтот за македонски јазик е слободоумна демократска научна и високообразовна институција во која научната и образовната дејност се приоритет.  (Н.И.Т-Д.Т.)