“Пајдаков-Бекарт” победи на новогодишен турнир во мал фудбал во Гевгелија

142

Новогодишниот турнир во мал фудбал ,,Есперо“, што по повеќе од десет години беше обновен во Гевгелија, по иницијатива на ФК „Кожуф“ и под покровителство на Општина Гевгелија, заврши со триумф на екипата ,,Пајдаков-Бекарт“ од Гевгелија, која во финалето ја совлада екипата на ,,Казино Фламинго“ со убедливи 5:1.

За освоеното прво место, победникот доби парична награда од 120.000 денари, а поразениот во финалето доби 80.000 денари. Третото место во сениорска конкуренција го освои екипата на ,,Свид дин“, која со 5:0 славеше во дуелот со ,,Баламов компани“.Победникот во утешното финале освои парична награда од 40.000, а поразениот од 20.000 денари.

Наградата за најдобар фудбалер му припадна на Зоран Левенски од победничката екипа, за најдобар голгетер беше прогласен Раде Ристенски, а наградата за најдобар голман му припадна на Трајче Ников од екипата на ,,Казино Фламинго“.
На обновениот турнир во мал фудбал годинава учествуваа 24 екипи од Гевгелија, Дојран, Струмица и Кавадарци.