Откако одби да послужи гостинка без маска: Келнер на „Старбакс“ доби награда од 100.000 долари

108

Келнерот Ленин Гутјерез, вработен во „Старбакс“ во Сан Диего, Калифорнија, кој одбил да послужи гостинка, бидејќи не носела заштитна маска на лицето, по објавата на видеоснимка од настанот на „Фејсбук“, добил награда од речиси 100.000 долари.

Гутјерез (24) бил на смена кога во локалот влегла Амбер Лин Џилис, без маска и нарачала кафе, пренесе Ен-би-си. Момчето културно ја прашало дали има маска за лице и пред да успее да ѝ го покаже документот од кафулето со правила за задолжително носење на маска, гостинката вербално го нападнала, а потоа и снимила видео и го објавила на „Фејсбук“.

Но, дошло до пресврт што таа не го очекувала. Корисниците на „Фејсбук“ ја нападнале поради непочитување на мерката за безбедност и загрозување на здравјето на вработените во „Старбакс“, а наскоро е покрената и кампања за собирање пари под името „ГоФундми страница за келнерот Ленин Гутјерез“, на која е поставено видеото, а корисниците се замолени да донираат пари за младиот келнер.

До денес се собрани речиси 100.000 долари, со напомена дека сите пари одат за Гутјерез, кој сега може да размислува за остварување на животниот сон за професионална танчарска кариера и отворање школа за танцување.