ОТКАКО БЕШЕ ФАТЕН ТУРСКИ ДРЖАВЈАНИН СО ПЛЕНОТ: Во истрагата со запленетите обврзници се вклучува и Интерпол

162

Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, во интервју за телевизија „21“, во однос на заплената на обврзниците во вредност од 92 милиони долари,  информира дека се работи за турски државјанин, кој бил фатен на скопскиот аеродром, а кој доаѓал од Истанбул. Тој најави дека обврзниците ќе ѝ бидат предадени во Агенцијата за управување со одземен имот.

– Се работи за 184 обврзници, по 500.000 долари една вредност и јас сум горд што нашите цариници успеаја да го изведат ова. Веднаш почнува финансиската истрага за да видиме дали имало некои други, поголеми скриени мотиви. Средствата треба да се пријават, нема зошто некој, ако се негови, да не ги пријави. Откако ќе ги пријавите, се врши разговор, се докажува дека се ваши и потоа може да располагате. Доколку некој ги крие и не ги пријавува, тоа веднаш побудува сомнеж. Најчесто тоа е причина царинските службеници да почнат со посериозни истражни дејства како што беше со случајот сега – кажа Богоев. Тој додаде дека е контактирано со Интерпол и со други меѓународни партнери, кои проверуваат по разни основи.

– Соработуваме затоа што практично досега ништо не се поврзува со Македонија, ниту со македонски граѓани. Сè е поврзано со странски државјани, фирми, единствено што пристигнуваат тука, на наша територија, односно на скопскиот аеродром и оттука секоја помош е добредојдена. Финансиската истрага ќе ја работиме ние, по потреба може да се менуваат работите, меѓутоа има сериозни институции и во и надвор од државата, кои планираме и очекуваме сериозно да ни помогнат и да се вклучат во ова. И да се работи за обид за измама со обврзниците и да се работи за обид за перење пари или за финансирање какви било нелегални активности, можеби не се работи за ништо од ова, но ние сме должни детално и темелно да го провериме сето тоа – потенцира Богоев.

Богоев вели дека запленетите обврзници во висина од 92 милиони долари не биле на име на странскиот државјанин кој на 28 јули годинава се обидел да ги пренесе преку државава во странство. Царинската управа води финансиска истрага со цел докажување дали станува збор за обид за измама или за перење пари.

„Замислете каква би била реакцијата доколку некој патник вака се прошета и потоа во Германија, Франција, Италија, Шпанија се случи нешто што не треба. Да почне истрагата и од таму да се врати наназад и да произлезе дека патникот поминал на скопскиот аеродром без контрола. Наша обврска е да целосно и детално да извршиме проверка. Јас сум задоволен како досега Царинската управа ја водеше постапката и повторно се заблагодарувам на царинските службеници и шефот на царинска испостава Аеродром Скопје за успешно завршената работа“, нагласи Богоев.

Богоев понатаму објаснува дека патниците кои поминуваат на зелен канал, значи дека немаат ништо за пријавување. Притоа нивниот багаж поминува низ скенер при што детално се гледа што имаат во куферите.

Во Агенцијата за управување со одземен имот сè уште  не се предадени запленетите обврзници. Директорот на Агенцијата, Дритон Небиу, изјави за медиумите дека Агенцијата првпат се соочува со конфискување обврзници и дека сè уште не се знае дали станува збор за домашни обврзници, издадени од домашна институција, или за странски обврзници, издадени од странска институција.