Вкупно 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра тежи петтиот економски антикризен пакет кој вчера конечно го обелодени Владата.  Тој содржи 29 мерки, распоредени во четири главни столба: директна финансиска поддршка за компаниите во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани со цел задржување на работните места; финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити со неповратна компонента креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на Царинскиот тарифник; намалување на парафискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки; како и директна помош за граѓаните.

Со петтиот антикризен пакет, за поддршка на плати во февруари и март 2021 година се обезбедени 1,92 милијарди денари. Со оваа прва мерка ќе бидат опфатени околу 60.000 работници месечно, а поддршката ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари. Како што изјави  премиерот Зоран Заев, образложувајќи го детално петтиот сет, оваа мерка е опциска, односно компаниите ќе може да ја користат или неа или втората мерка – за кредити со нула проценти камата во дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, индустрија за организирање настани, транспорт, приватни здравствени установи. За втората мерка се проектирани 615 милиони денари или 10 милиони евра.

Поддршка за плати на вработените по стариот терк, но само за февруари и март, бескаматни кредити со грант компонента, ослободување на граѓаните од каматите за станарина, вода, данок на имот… и плаќање на главниот долг на 12 рати, даночни и царински олеснувања и ослободувања, финансиска поддршка на најпогодените сектори, стимулирање на работодавците да исплатуваат К-15, помош за радиодифузерите, за компаниите во сопственост на Роми…, се дел од новиот петти по ред пакет, кој содржи 29 антикризни мерки за компаниите и граѓаните. Дел од него е и продолжување на некои мерки од претходните пакети за да можат да ги искористат оние кои биле испуштени.

Според премиерот Зоран Заев, кој го презентираше пакетот, тој директно се надоврзува на претходните и има за цел да ја придвижи економијата и да доведе до динамика на економски раст како пред кризата. Сето тоа ќе чини 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони се директна буџетска поддршка.

На најпогодените компании им се нудат две опции да обезбедат плати за вработените. Едната е директна финансиска помош, а другата бескаматни кредити преку Развојната банка. Ова се однесува за секторите туризам, угостителство, занаетчиство, транспорт, индустрија, организација на настани, за самостојни вршители на дејност, приватни здравствени установи и слично.

Финансиската поддршка за плати ќе биде за февруари и март. Со вкупно 1,9 милијарди денари месечно ќе се опфаќаат по 60 илјади работници за кои скалесто ќе се исплатуваат по 14.500 до 21.775 денари. Услов е падот на приходите на компанијата за ноември, декември 2020 и јануари 2021 споредено со истите месеци 2019 и 2020 година да биде најмалку 30 проценти. Заев вели дека ова ќе биде последна помош за плати, а како опциони мерка со овој пакет се нудат бескаматни кредит. Преку Развојната банка ќе се пласираат вкупно 10 милиони евра, а компаниите кои ќе покажат добивка, нема да вратат од 30 до 50 проценти од нив.

Како поддршка за граѓаните е мерката за отпис на каматите. Каматите се отпишуваат на долговите на сите граѓани само кон јавните институции и претпријатија, на кои ќе им се нареди да ги бришат. Граѓаните ќе се пријавуваат на оглас кој ќе трае пет месеци. Освен отпис на камата за долговите постари од три месеци ќе добијат и плаќање на главнината на 12 рати. Заев потенцира дека ова се однесува на сметките за вода, за даноци, но не и за долговите кон приватните компании како ЕВН, БЕГ и други.

-Апелирам до приватните компании да се приклучат кон оваа мерка зашто голем број граѓани тешко ги плаќаат давачките, па верувам дека така ќе си помогнат и себеси. Граѓани кои редовно плаќаат треба да знаат дека ова не е обесхрабрување за нив, рече премиерот.

Една од мерките е и зголемување на прагот на ослободување од оданочување со данок на добивка од постоечки 40 на 80 проценти за компаниите кои ќе исплатат К-15, што ќе чини 153,8 милиони денари.

Има и мерки за поддршка на сите 120 радиодифузери со активни концесии, преку ослободување од плаќање концесии, како и покривање на трошоците за мултиплекс фреквенција. Преку намалување на аконтацијата на данокот на личен доход има помош и за регистрираните занаетчии, за самостојните вршители на дејност и за граѓаните. Плаќањето на тој данок се одложува до 30 јуни годинава. Помош има и за компаниите кои вршат транспорт на патници кои за 1.000 работници ќе добијат плати за март и април, а ќе се активира и кредитната гарантна шема од 307,5 милиони денари преку Развојната банка. За кредитите од Ковид 2 линијата грејс периодот се продолжува до крајот на годинава, а има посебна поддршка со 61 милион денари за компаниите од маркетинг и ивент индустријата при организирање јавни настани. Хотелите надвор од туристичките места ќе добијат помош од вкупно 64,6 милиони денари. Предвидено е и формирање Фонд за извозно ориентираните компании во кој ќе се вложат 10 милиони евра за исклучително евтини кредити. Поддршка ќе добијат и тутунарите кои имаа лоша година, потоа и спортските клубови, компаниите чии сопственици се Роми…

Веќе е во функција мерката за укинување на царини за 71 суровина, како и намалување на царините за 31 суровина и месо. Предвидена е и финансиска поддршка за технолошки развој на фирмите и ослободување од плаќање пенали за компаниите кои имаат договори за соработка со општините. На општините, пак, им се помага со тоа што неискористените блок дотации нема да им се земат, туку ќе можат да ги користат за капитални инвестиции.

Предвидени се пари и за винарниците, како и за здравствените работници од Струмица и Гостивар, кои биле испуштени при исплатата на тие средства со претходните пакети.

Социјалните партнери задоволни од понудените мерки

Петтиот владин пакет антикризни мерки викендов ја доби поддршката од стопанските комори, а ја има и од претставниците на работодавците и на работниците на кои им беше презентиран во понеделникот на седница на Економскосоцијалниот совет.

Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија Ангел Димитров за весникот ВЕЧЕР вели дека се задоволни од решението компаниите да бираат дали ќе побараат директна помош за плати или бескаматен кредит. Во делот за помош за плати од ОРМ се особено задоволни од тоа што споредбата за падот на приходите ќе се прави со 2019, а не со ланската пандемска година, а бројот на работниците треба да се задржи на нивото од 31 декември лани. Според Димитров, доколку ситуацијата со пандемијата не се подобри, од Владата бил најавен и нов, шести пакет-мерки.

И од репрезентативниот Сојуз на синдикатите на Македонија сметаат дека понудените решенија за помош на компаниите се добри. Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели дека меѓу другото се задоволни од тоа што за да користат средства од државата компаниите мора да го имаат истиот број на вработени како на крајот на минатата година, што значи дека ако во меѓувреме отпуштиле некого, ќе треба да го вратат на работа. Исто така, бројот на работници ќе мора да се задржи два месеца по искористување на помошта. Прифатливо е и решението фирмите кои годинава ќе работат со добивка да не ја враќаат помошта за плати, а за оние кои користат кредити 30 проценти од нив да станат неповратни.

-Овие средства тие ќе можат да ги пренасочат кон работниците, вели Димовски за весникот ВЕЧЕР.

За ССМ е особено поволно тоа што во рамки на пакетот била презентирана и мерка според која компаниите кои годинава ќе исплатат К-15 во висина над минимално утврдената ќе бидат ослободени од плаќање данок на таа сума.

Светлана ВУКЧЕВИЌ