Отворање на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“

51

На иницијатива на Јадро – Асоцијација на независната културна сцена, денеска ќе биде отворен Културно-социјалниот простор „Центар -Јадро“, лоциран на ул. „Алберт Ајнштајн“ бр.2 во Скопје.

Асоцијацијата соопшти дека идејата за КСП „Центар-Јадро“ настанала од потребата за место, фокус, каде што слободно ќе се изразува урбаниот живот, современите социокултурни практики, простор што ќе создава aвтономни, самоорганизирани содржини што ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.

„Физичкиот простор во материјалната структура на градот секогаш претставува важна точка на секое културно и уметничко настојување. Овој модел е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт, Општина Центар, и Јадро Асоцијација и претставува суштинска децентрализација на моќта и единствен пат кон создавање организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата, во рамки на граѓанскиот сектор, но и пошироко“, наведува Асоцијацијата Јадро, која од основањето во 2012 година се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики.

Отворањето на КСП ќе се одбележи пред објектот, на отворено, согласно со протоколите за одржување јавни настани, а основачите ќе ги соопштат целите на институцијата, досегашните достигнувања и понатамошните планови за развој и соработка. Во рамки на настанот ќе се одржи концерт на Хана Корнети, а ќе биде претставен и муралот „Патување“ на ликовниот уметник Сали Ертунч изработен на фасадата на КСП „Центар-Јадро“.