Од владината помош нема ништо, кафеанџиите нема да издржат уште едно затворање!

Зголемениот број на заразени со ковид-19 последниве денови почна да ги затвара кафеаните и рестораните во регионот. Комисијата за заразни болести засега не донесе таква одлука кај нас, но не ја исклучи можноста доколку продолжи да се зголемува бројот тоа да се случи. Угостителите реагираат дека нема да можат да издржат уште едно затварање, бидејќи се во долгови до гуша, а од владината помош нема ништо

273

Поради зголемениот број на заразени од ковид-19 земјите од регионот донесоа нови рестриктивни мерки, меѓу кој и затварање на кафулињата, кафеаните и рестораните. Кај нас, и покрај препораките од здравствените власти дека вирусот се шири токму на овие места, Комисијата за заразни болести засега ги поштеди угостителските објекти од кратење на работното време и од повторно затворање. Но, најавија дека тоа може да се случи наредната недела доколку продолжи да се зголемува бројот на новозаразени. Угостителите, кои од почетокот на пандемијата не се согласуваат со тврдењата дека кафеаните и кафулињата се причина за зголемениот број на заразени, сметаат дека во услови кога се во долгови до гуша и кога доцни државната помош за плати финансиски нема да можат да издржат уште едно затворање.

Микробиологот Александар Пановски смета дека сите мерки се залудни сè додека работат угостителските објекти. Треба да се стави клуч на врата на рестораните и кафулињата за да се спречи ширењето на вирусот бидејќи, како што вели, британскиот сој многу брзо се шири на затворено.

– Рестораните, барем според мене, не треба да работат. Од економски причини работат, па плаќаме со болест и животи. А друго е што таму внатре не се почитуваат мерките, бидејќи во кафулињата секојдневно гледате како стојат на коњопои еден до друг на 30 сантиметри оддалеченост без маски, вели Пановски.

Епидемиологот Драган Даниловски смета дека за да се спречи ширењето на вирусот потребно е затварање на угостителските објекти само за викенд, кое според него ќе можат да го издржат.

И заменик-министерот за здравство, Илир Хасани обвини дека во кафеаните и кафулињата не се почитуваат мерките и дека забавите не престануваат. Смета дека граѓаните треба да бидат повнимателни, бидејќи болниците се преполни со пациенти.

Угостителите велат дека нема да можат да издржат уште едно затварање, особено сега кога се отворија летните тераси и кога како-така работата им тргна. Сепак се свесни за зголемениот број на заразени и постојано апелираат до гостите да се почитуваат препораките и мерките за заштита.

-Кратење или ограничување на работното време е непотребно. Зголемениот број на заразени со кои се соочуваме не се резултат на угостителските објекти кои и понатаму се декларираат како главни причинители. Најлесно е со прст да покажеш и бараш причина и одговорности кај други заради сопствената неодговорност и неспособност. Во најголемиот број угостителски објекти во кои им е битно здравјето на вработените и гостите во целост се почитуваат важечките препораки и протоколи за работа. Ние први дадовме иницијативи целосно да ги затвориме угостителските објекти доколку тоа придонесе за побрзо решавање на проблемот во намалување на ширењето на пандемијата ковид-19. Ниедна рестрикција со која на било кој начин ќе се ограничи работењето на угостителските објекти нема да влијае позитивно на смалување на бројот на заболени, туку ќе има само негативен импакт на угостителството кое тоне во долгови, вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски.

Угостителите велат дека финансиски не можат да издржат уште едно затворање, бидејќи се во долгови до гуша, без помош бидејќи Владата ги извиси и остави на милост и немилост. Сепак министерот за економија, Крешник Бектеши повторно вети дека ако има нови рестриктивни мерки има кратење на работното време на угостителите ќе има дополнителна поддршка за нив.

Кафеаните и кафулињата во Србија и Грција се веќе затворени, Црна Гора и Босна и Херцеговина најавија нивно затварање, а од понеделник под клуч се и угостителските објекти во Бугарија.

(А.С.)