Најважно за овој празник е добрата мисла, за другите и за нас. Велигден не е роденден ниту годишница, тој е заеднички празник на сите нас и тоа го прави голем  – велат домаќините Корубин

Во прекрасен амбиент, под шарените сенки од тукушто процветените дрвја, во ателјето и дом на познатиот академски сликар Рубенс Корубин и модната дизајнерка и уметница Лиле Корубин, во скопски Сарај, овие денови целосно се посветени на големиот христијански празник Велигден. Многу декорациии со велигденски мотиви и во куќата и во пространиот двор. Секое катче е допрено од уметничка душа. Лиле Корубин, која активно работи како уредник на креативниот сајт Divianarts, ништо не остава на случајност. Таа знае секој празник да го направи да се памeти. Оваа година за големиот христијански празник тие се сами со својот сопруг поради пандемијата на коронавирусот, ја практикуваат изолацијата како заштита. Првпат нивниот двор е без песна од многу грла и силна музика. Да може да зборува дворот би раскажал стотици приказни за прекрасно поминати лански, преклански, пред десет и многу години дружби со роднини и пријатели, нивни гости и од сите краеви на светот.

Лиле и сега, во ваква ситуација на изолација е  оптимист и не дава да ја понесат тажни емоции.

– Годинава сме само физички сами – јас и Рубенс поради изолацијата од корнавирусот. Но, не сме сами. Напротив. Сега по неколку пати во денот со нашите деца, со најблиските роднини и пријатели си посакуваме топли честитки, си разменуваме убави зборови за здравје. Овој Велигден токму затоа е уште позначаен. Сега, кога сме физички сами, станавме уште поблиски со роднините и пријателите. Не само што се слушаме туку и се гледаме преку мобилните телефони. Со љубопитност гледаме, колку и да е мало екранчето, кај нашите блиски дека и тие го чувствуваат овој значаен момент и потребата да се сподели оваа енергија. Велигден е денот на Христовото воскреснување, христијански празник полн со симболика. Куќата секогаш ни беше полна. Ќе помине сето ова, и пак ќе биде се добро – ни рече Лиле, барајќи соодветно место на едно насликано јајце.

И додаде: „Можеби како и шаманите на некој начин, со овој ритуал ќе го засилиме сеопштиот имунитет”.

Таа е исклучително креативна личност. Дизајнирање на облека е само еден сегмент каде што е реализиран нејзиниот естетски потенцијал. И сите ваши прашања пред средбата во нивниот дом – како е толку години да се држиш на врвот на македонското современо сликарство и постојано да имаш инспирација, за академскиот сликар Рубенс Корубин или како успевате секој дел од вас и вашиот дом дише со ексклузивна „женска”,  естетика, во миг се одговорени кога ќе ја видете комуникацијата меѓу сопружниците која зрачи со љубов и  хармонија. Тоа е континурано давање на другиот.

Во овој дом, дури и предметите зрачат. Секое гранче, секое ќоше најавува дека доаѓаат Велигденските празници, и јајцата со свилен конец, и зајачето од дрвена плоча, и керамичките, и тие расфрлани во саксиите со чувар-куќа.

– Трпезата ја креирам со големо возбуда, посебно во декоративна смисла и со многу симболика. Сакам таа енергија да не поврзе со другите. Јас сум голем естета и битно ми е моите најблиски да уживаат во самата презентација на работите поставени на маса, во храната – вели Лиле.

Целото семејство има високи уметнички и естетски критериуми и синот Михаил, кој е академски сликар и снаата, популарната пејачка Каролина, другиот син Дамјан (маркетинг-менаџер во „Сити мол“) и неговата девојка Фросина.

– Предизвик и голема радост претставува за мене кога ќе ги видам нивните озарени лица. Тоа е трансмисија на таа позитивна енергија, од искона па до денес. Годинава се сите по дома, но сите сме заедно. Ние се чувствуваме едни со други, вели Лиле.

Смета дека празничниот изглед на домот е важен момент и од здравствени причини.

– Како велат старите:За Велигден, бело вар варосано и црвено јајце вапсано. Пролетно цвеќе, свежи бои, малку овчо кисело млеко и свеж спанаќ ја внесува пролетта во домот. Креативност и имагинација секогаш се има. Се надоврзуваме на старите традиции, но внесуваме и нешто ново, ни раскажа.

  • Велиденската трпеза е вистински излог на уметност од храна. Деликатеси, салати, пити и колачи декорирани велигденски. И садовите, и чашите го имаат велигденскиот печат. Во заднина тивка, убава музика. Целиот амбиент е топол, романтичен и славенички. Лиле е исклучителна домаќинка, секогаш со стил и за низ дома.

Вели дека е најважно за овој празник мислата, за другите и за нас.

  • Велигден не е роденден ниту годишница. Велигден е заеднички празник на сите нас и тоа го прави голем – вели таа.

Пред заминување Лиле и Рубенс Корубин нè поздравија со зборовите: Христос воскресе! Им возвративме: Вистина воскресе!

Лилјана Грџо Дамовска