Нов парк во Кисела Вода, засадени околу 200 дрвја

59

Напуштениот простор во Кисела Вода, лоциран меѓу улицата „Лазар Димитров“ и железничката пруга, зад бараките во населбата 11 Октомври денеска е нов зелен парк на површина од околу 16.000 квадратни метри. На овој простор деновиве се засадени околу 200 висококвалитетни дрвја, соопшти денеска Град Скопје.

Градските власти потсетуваат дека овој простор со децении беше запуштен и на него се создаваа поголем број депонии со шут и отпад. На почетокот на годинава, екипи на Град Скопје го расчистија просторот, го израмнија теренот и засадија нова трева, а есенва се подигнати нови квалитетни дрвореди.

Град Скопје информира дека продолжува со уредување на местата кои претходно биле диви депонии, а кои сега прераснуваат во мали зелени оази со цел поздрава и поубава животна средина за сите граѓани.

– Град Скопје согласно со новите стандарди на квалитет продолжува со подигнување нови дрвореди од квалитетни дрвја со просечна висина од околу 5,5 метри коишто веднаш ќе се вклопат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот. Есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини – се наведува во соопштението од Град Скопје.