Нов лик и реквизити добија две игралишта

827

Општината Карпош направи целосна реконструкција на детското игралиште во Козле, меѓу кулите на улица „Јуриј Гагарин“ (бр. 52 – 56) во Козле. Поставени се  нови реквизити за рекреација на најмладите, како и заштитна ограда, со што е добиена уредена зона која младите ќе ја користат и во текот на летниот распуст.

Игралиштето е обновено по иницијатива на д-р Ѓорѓи Паскалов (педијатар), кој во овој реон има здравствена ординација, која ја посетуваат голем број на дечиња со своите родители.

– Изминатиов период се фокусиравме на изведба на нови или реконструкција на постојните детски игралишта во населбите, а се работи и на нови тревници и системи за наводнување – вели градоначалникот Стефан Богоев.

Во Општина Центар е реконструирано спортското игралиште на булевар „Свети Климент Охридски“, спроти бензинската станица на „Макпетрол“. На игралиштето кое беше пуштено во употреба во присуство на Перо Антиќ и дел од кошаркарите на КК „Работнички“  поставена е акрилна подлога, нов кош по ФИБА-стандарди и заштитна ограда, а во изведбата се користени современи и квалитетни материјали.

– Во околина на игралиштето поставивме нова урбана опрема (клупи и канти за отпадоци). Продолжуваме со реконструкција на игралиштата на улиците: „Партение Зографски“, „Караорман“ и во населбите Маџир Маало, Кале, како и на други локации во општината – најави градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.