Нова технологија: Наскоро производство на ВАКЦИНИ ОД БИЛКИ, од „семејството“ тутун

222

Канадската биотехнолошка компанија Medicago е на прагот на производство на нова вакцина против коронавирусот, користејќи релативно нова технологија. Нивната вакцина, која е во третата фаза од клиничкото испитување во многу земји, посебна е по тоа што се добива од растенија.

Класичните вакцини, се произведуваат во сложени биореактори, во кои во стерилни и контролирани услови избрани животински клетки се инфицираат со вирусот или со делови од генетскиот код на вирусот, за да ги натераат да произведат копии на вирусот или антигени. Инкубацијата во биореакторите трае повеќе недели, по што клетките поминуваат процес на прочистување пред да почнат да се пакуваат во шишенца.

Биореакторите се скапи, изискуваат високообучен персонал и доаѓаат со голем ризик за контаминација на примерокот – една од причините зошто Европа на почетокот на годината имаше голем недостиг од вакцината на АстраЗенека. Повеќенеделното производство може да биде компромитирано во секунда, по што целата контаминирана резерва мора да се фрли.

Производството на вакцини од билки, од друга страна, ги користи растенијата како природни биореактори, а конечниот производ се честички слични на вирусите, кои нашиот имунолошки систем ги препознава како потенцијална закана и почнува да произведува одговарачки антитела кои ќе делуваат и против вистинските вируси.

Оваа технологија постои околу три децении, а научниците досега експериментирале со разни растенија како потенцијални природни биореактори – компири, ориз, пченка и зелена салата – но ниту една од тие вакцини досега не е одобрена за користење врз луѓето.

Ниту една од експерименталните вакцини досега не стасала до завршната фаза на клиничкото тестирање. Професорката по микробиологија од Универзитетот Корнел Катлен Хеферон вели за National Geographic дека тоа не се случило не затоа што вакцините имале слаб ефект или биле небезбедни за користење, туку поради недостиг на регулаторна рамка за новата технологија на вакцината и поради тогашната ненаклонетост за инвестирање во биотехнологјата.

Вакцината на Medicago засега е испоробана во Канада, САД, Обединетото Кралство, Бразил и во Аргентина и нејзините создавачи се уверени дека во блиска иднина ќе добијат одобрение од канадските регулатори, како и од јапонските.

Голем инвеститор во Medicago компанијата е и тутунскиот гигант Филип Морис, кој во компанијата има околу 25 отсто удел и не е изненадување дека компанијата, како биореактор за вакцина ја користи билката од семејството на тутун, Nicotianu benthamianu. Станува збор за австралиска автохтона сорта, близок роднина на тутунот кој се користи во производството на цигари, кои австралиските домородци ја консумирале како стимуланс.

Во Medicago во американската сојузна држава Северна Каролина, роботски раце ги собираат младите листови на benthamianа, ги вртат наопаку и ги потопуваат во сад со течност во која има милиони агробактерии. Станува збор за бактерии кои природно го заразуваат растението, а во таа машина се модифицирани за да содржат мал дел од генетскиот материјал од вирусот SARS CoV-2. Мал ваакум ја повлекува течност од коренот за листот да се собере, потоа го отпушта, а листот ја впива купката преполна со бактерии, кои се шират низ целото растение.

Со тоа поголемиот дел од работата всушност е завршена. Младите листови се претворени во биореактори, а бактериите ја пренеле виралната ДНК во клетките на билката. Додека билката расте, нејзините клетки ќе произведуваат големи количества антигени, честички слични на вирусот кои сами по себе не се заразни, но ќе поттикнат имунолошка реакција кај луѓето.

Цел процес трае пет до шест дена, по што листовите се собираат, се сечкаат на парчиња и потоа се натопуваат во ензимската купка која ослободува антитела. Во следниот чекор, антителата се изолираат од останатите делови на растението и се подготвени за производство на вакцини.

Извор: Б92