Новата дренажа им обезбеди на разловчани да пијат чиста вода

125

Жителите на делчевското село Разловци ќе имаат чиста вода за пиење и во доволна количина. Со изградбата на новата дренажа со која се обезбеди поголем доток на вода во водоснабдителниот систем, се реши децениски проблем во ова најголемо населено место во општина Делчево.

Градоначалникот Горан Трајковски рече дека со дренажниот систем се зафатија водите од река Ракитина во Разловци, а беше инсталиран и дренажен приклучок со вградување полиетиленско црево, Ф-90, во должина од 250 метри, кое се поврза со приклучната шахта. Санирана е и собирната шахта, а е извршено и чистење и хипохлорирање на резервоарот.

– Моите заложби за чиста вода за пиење се приоритет и интензивно работиме да донесеме чиста вода до сите домаќинства во Делчево. На ова поле веќе работиме интензивно со швајцарските консултанти на реализација на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“, кој треба да трае неполни три години. Со проектот ќе бидат опфатени Делчево, населените места Габрово и Ѕвегор, а се прават напори кон овој систем да се приклучи и селото Вирче, со што ќе добијат современ водоснабдителен систем и чиста вода за пиење – рече Трајковски.

Проектот ќе чини 7,3 милиони швајцарски франци од кои над шест милиони се од Швајцарската конфедерација, а останатите се од Министерството за животна средина и просторно планирање.