Најдобриот српски тенисер одигра фантастично на АТП Купот во Австралија, каде што со својата репрезентација го освои трофејот на новоформираниот турнир. Покрај одличните игри, тој го привлече вниманието на јавноста со потег по финалето против Шпанија, откако заедно со своите соиграчи од националниот тим ја испеа песната „Видовдан“, во која се споменува Косово.

Поради ова, тој доби остри критики од амбасадорот на Косово во Бугарија, Едон Кана, кој го нарече тенисерот – примитивец, балкански националист и шовинист.

Ова беше причина во оваа преписка да се вклучи и таткото на Ѓоковиќ, Срѓан, кој ја прокоментира целата ситуација и брутално му одговори на амбасадорот.

  • Од каде и да сте, Новак е националист, секако, како што сум и јас и повеќето луѓе во оваа земја. Ова не е грдо! Ние ги сакаме нашите луѓе и нашата земја, но не ги мразиме другите народи и другите земји. Вие влеговте во нашата земја и, да знаете, тоа е наша света земја, како што е за Евреите – Ерусалим. Затоа, ние секогаш ќе бидеме со нашето Косово и нашиот народ. Немој да мислиш дека нешто ќе се промени за десет, дваесет, сто или илјада години. Косово секогаш ќе биде срцето на Србија. Како што е сега, така ќе биде и секогаш, истакна Срѓан Ѓоковиќ.

Инаку, српската репрезентација во финалето славеше над Шпанија со 2-1 во победи, а најзаслужен за овој триумф беше Новак кој прво во сингл го победи Рафаел Надал и израмни на 1-1, а потоа заедно со Виктор Троицки славеше во двојки против Карено Буста и Фелисијано Лопез.