Од почетокот на сезоната во Формула 1 постојано се слуша „иста песна“, откако двоецот на Мерцедес, Луис Хамилтон и Валтери Ботас, повторно дојдоа до еден – два победа. Овој пат на трката за Големата награда на Франција се радуваше Британецот, за кого ова е 79 победа во кариерата и шести сезонава. Без некои големи потешкотии, актуелниот шампион дојде до нова победа, а љубителите на Формула 1 истакнаа дека ова била една од најдосадните трки во последните неколку години, бидејќи претекнувањата речиси и да ги немаше.

  • Ние возачите не ги пишуваме правилата. Немаме ништо од тоа како парите се вртат меѓу екипите и сите останати работи. За атрактивноста и возбудливоста на трките треба да ги прашате луѓето кои се на чело, тие треба да ја одработат својата работа. Веќе долги години носат погрешни одлуки со кои Формула 1 ја прават невозбудлива, изјави пилотот на Мерцедес.

Петкратниот шампион минатата седмица заедно со Нико Хулкенберг беа на состанок во ФИА, а тема на разговор биле правилата кои ќе стапат во сила од 2021 година.

  • Со новите правила верувам дека може да има промени во Формула 1. Бев на состанокот и ги гледав шефовите во Ф1 и ФИА како се вклучуваат во дебата. Немаше потреба јас да бидам таму, бидејќи тие ги донесоа одлуките сами, притоа не ги прашаа возачите за мислење, додаде Британецот.