Нема извршители и плаќање кредити до јули

Априлската рата од кредитите и за фирмите и за граѓаните погодени од кризата се поместува за три месеци, па ако на пример кредитот е на 12 рати, последната наместо во април следната година, ќе треба да се плати во јули. Во истиот период извршителите нема да блокираат сметки, да наплатуваат од нив и да запленуваат станови и предмети

511

Плаќањето на ратите за кредитите се одложува на три месеци, до јули, а во истиот период нема да работат ни извршителите.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека априлската рата од кредитите и фирмите и граѓаните погодени од кризата ќе можат да ја платат во јули. Потоа плаќањето ќе продолжи да тече месец за месец, без надополнување на ратите од периодот на мораториум на отплатата.

– Априлската рата и фирмите и граѓаните погодени од кризата ќе можат да ја платат во јули месец и ако требало да ја платат во април имаат уште 12 рати кои што им завршуват во април 2021 година. Почнувајќи сега со тој мораториум да плаќаат од јули 12. рата ќе им заврши во јули 2021 година. Тоа значи дека имаме буквално поместување за три месеци, рече тој во ТВ-емисија.

Во истиот период, најави тој, ќе се стопираат и извршувањата. Тоа значи дека извршителите нема да смеат да блокираат сметки, да наплатуваат од нив, да запленуваат имот и предмети и да ги продаваат.

– Ќе има уредба со законска сила, сега владата е во вонредна состојба ќе има брзи и ефикасни модалитети, истакна Заев.

Тој информира и дека со тим експерти се работи на нов, огромен пакет економски мерки за поддршка на стопанството, на фирмите, работниците и граѓаните, за санирање на економските последици од глобалната пандемија со коронавирусот. Според него, стопанството може да очекува вкупна финансиска поддршка од 200 милиони евра.

– Бројката на вработени во угостителството и трговијата е 43.000, кои се првично зафатени со кризата. Овие мерки кои се најавени од Владата, до сега имаат сериозен импакт, особено кредитите без камата од банката за развој, инвестиции во придонесите за вработените кои ги намалуваме за 50 отсто и други. Ние имаме до сега 20-ина милиони евра алокација кон здравствтото, потоа имаме кон Центарот на управување со кризи, армијата, полицијата каде што се алоцирани веќе 30 милиони евра. До 200 милиони евра ќе стигне финансиската подрршка за стопанството, рече Заев.

Но, не само од угостителството и трговијата туку и од другите стопански сектори веќе доаѓаат информации за отпуштања на работници или најави дека во следниот период ќе се делат откази поради откажани зделки од странските партнери. Фирмата „Нетам“, која произведува душеци, на пример, деновиве отпушти од работа 20 работници поради откажани договори за работа од британски и белгиски партнери. Од компанијата велат дека ако државата не помогне, можни се и нови отпуштања. Се даваат откази, зашто ситуацијата е итна и не можат да се издржат законските рокови од неколку месеци за прогласување технолошки вишок, за да можат  работниците да добиваат надомест преку Агенцијата за вработување.

Вакви примери секој ден има сè повеќе, па помош им е итно неопходна и на фирмите и на граѓаните. Стопанствениците велат дека она што досега го договорила и дала Владата како помош за премостување на оваа кризна ситуација не е доволно.

(С.В.)