Нема веќе Сваровски и Кацарски судство -ЕУ ќе ги мониторира судењата за висока корупција во Македонија

165

Европската Унија преку ОБСЕ ќе ги мониторира судските процеси поврзани со висока корупција. Евроамбасадорот Самуел Жбогар најави дека Европската комисија ќе финансира проект кој треба да почне годинава и ќе трае околу три години и ќе се спроведува регионално.

-Проектот за целиот регион ќе чини 6 милиони евра. ОБСЕ ќе го имплементира, разговараме со ОБСЕ зашто тие имаат искуство во набљудувањето судски случаи, што значи дека ОБСЕ ќе биде партнерот што ќе го врши мониторингот, рече евроамбасадорот Жбогар во изјава за  Алсат телевизија.

Сепак сè уште не е прецизирано кога ќе почне проектот и колку предмети ќе бидат опфатени.

-Тоа се детали кои во моментот се договараат меѓу ЕК и ОБСЕ исто како и целиот процес и индикаторите кои ќе бидат важни во мониторингот на предметите и затоа не можам да ја споделам бројката на предмети што ќе бидат опфатени, но мислам дека ќе биде значителна. Проектот ќе почне годинава, но се уште не го знаеме датумот, вели Жбогар.

Брисел смета дека ветинг меѓу судиите не е неопходен.

– Не гледаме универзално лошо однесување во судството, туку гледаме дека мнозинство од судиите и обвинителите можеби се под политичко влијание и веруваме дека тие би можеле да бидат предмет на професионални и етички правила или на можна кривична одговорност, но дека со нив би се справило самото судство. Веруваме дека институциите во судството, како Судскиот совет, треба да бидат поддржани и засилени и дека тие имаат важна улога во воспоставувањето подобро однесување во судството. Прво, мислам дека треба да почнеме од политичарите кои треба да прекинат во мешањето и коментирањето за судството, додава евроамбасадорот во изјавата за „360 степени“.

Мониторингот се најавуваше со години, а годинава ќе почне во услови кога судските процеси за висока корупција се заглавени во судниците со години.