Некои училишта не реагирале, над 20 поплаки на адресата на МОН

59

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири изјави дека на мејл адресите на кои може да се пријавува насилство во училиштата, досега се стигнати над 20 пораки.

„Бројот на пријавите достигна повеќе од 20. Ова значи дека имаме повеќе од 20 различни мејлови. Имаше и добри искуства, препораки од различните страни кои ги имаат решено проблемите. Кога зборуваме за насилство, имаме и позитивни ситуации. Да ги искористиме и добрите и лошите искуства, рече Шаќири.

На прашањето дали до сега имало поплаки во однос на училишта кои не реагирале во случај на булинг, Шаќири потврди дека имало и такви случаи.

„Има и такви случаи, не можеме да кажеме дека нема. Има случаи во кои е пријавено дека два-три пати од училиштето не е проценето дека треба да се пријават. За сите пријави, без разлика какви се, има посебен сектор во МОН со повеќе од петмина членови кои ги повикуваат службите во училиштата. За да ја потврдиме ситуацијата никогаш не кажуваме податоци кој го пријавил случајот, дали трета страна, дали родител. По доаѓање на службите, од сите училишта се бара што имаат постапено законски, дали е пријавен случајот, дали се известени родителите и по тие записници ние постапуваме. Значи, за секој случај министерството веднаш постапува, но не само министерството туку и другите институции. Постапува Министерството за труд и социјална политика, но и Министерството за внатрешни работи. Веднаш стапуваат во контакт со родителите и со детето“, рече министерот Шаќири.

Младите, родителите и граѓаните можат да пријават врсничко насилство на мејловите prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk.