На 19. издание на „Зимски салон“ 42 македонски и петмина романски уметници

47

Деветнаесетото издание на традиционалната изложба „Зимски Салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе биде отворено за 9 февруари, со почеток од 20 часот, во Чифте-амам при Националната галерија на Македонија.

Селектор на годинешниот „Зимски Салон“ е романската професорка од Националниот Универзитет за уметности во Букурешт, Анка Боериу, а зададената тема гласи „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконстуирање“.

На изложбата ќе бидат претставени дела на 42 македонски автори, а од страна на кураторот и селектор на изложбата се поканети и пет автори-гости од Романија: Марија Петку Чиоибас, Мирела Траистару, Патриција Теодореску, Ралукалариа Деметреску и Река Цсапо Дуп.

Изложбата ќе биде отворена до 19 февруари.

Инаку, „Зимскиот Салон“ на ДЛУМ е врвна ликовна манифестација основана во 1991 година како ликовна посебност со свои правила и критериуми. Денешната физиономија на „Зимскиот Салон“ ги има задржано основните карактеристики: професионалност, строга селекција на учесници, квалитетен каталог и соодветна медиумска покриеност. Почнувајќи од 2003 година, наградата „Гранд-При“ (престој во атељето на„Citè des Arts“ во Париз) ја овозможува Министерството за култура на Република Македонија, а од 2006 година ДЛУМ вградува уште еден критериум, а тоа е конкретна тема на „Зимски Салон“, со што ги ангажира уметниците на индивидуален творечки чин. Од 2009 година оваа манифестација прераснува во меѓународна.