Да се укинат субвенциите за 130 мали хидроцентрали, во план е да се изградат 50 нови

128

Да им кажеме НЕ на малите хидроцентрали и на уништувањето на реките, се вели во петицијата на „Еко-свест“ која досега ја имаат потпишано околу 4 илјади граѓани. Оттаму велат дека изградбата на малите хидроцентрали остава непоправливи последици за животната средина и за природата до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски видови, како и на луѓето.

– Во моментов, на дивите и недопрени реки низ земјава се изградени или се во фаза на изградба повеќе од 130 мали хидроцентрали, а се планира изградба на уште најмалку 50 нови! Поголем дел од нив се градат во некои од најживописните речни долини во строго заштитени и значајни подрачја како што се: Пелистер, Маврово, Шар Планина, Караџица, Даутица, Кожуф, Малешевијата и многу други. Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветни студии за оцена на влијанието врз животната средина – се вели во петицијата.

Сите постојни мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4% од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјата, во период од годината кога не е најпотребно за домаќинствата.

– Истото количество електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без притоа да се уништуваат реките и недопрената природа. Електричната енергија произведена од малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи, кои им гарантираат на сопствениците сигурен профит – потенцираат од „Еко-свест“.

Според пресметките, секое семејство во земјава секој месец плаќа 6% од висината на месечната сметка за струја, за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. На годишно ниво, за електричната енергија произведена од мали хидроцентрали, ние, граѓаните, плаќаме 16 милиони евра.

– Барам моите 6% од сметката за струја што ги вложувам за производство на електрична енергија од обновливи извори, да се употребат исклучиво за стимулирање на одржливи извори на енергија како сонцето и ветрот. Барам на сметката за струја јасно да биде наведено на што се трошат тие 6%. Барам Владата да ги укине субвенциите за малите хидроцентрали – вели актерот Теоман Максут, кој е потписник на петицијата.

Според него, грижата за реките значи грижа за природните екосистеми.

– Зачувувањето на живиот свет во нив е зачувување на животот воопшто. Вклучително и човечкиот. Профитот од малите хидроцентрали, можеби, е примамлив, но животот е незаменлив – смета Максут.

Од „Еко-свест“ велат 16-те милиони евра да се употребат за стимулирање на производството на електрична енергија од одржливи извори како сонцето и ветрот, а не од извори кои ги уништуваат нашите реки.

(С.Бл.)