Во годината кога феастивалот Струшки вечери на поезијата одбележува 60-години, на својата веб страница постави дигиталната верзија на „Poliglota”, заедничко издание на СВП и НИП „Нова Македонија“, редакција „Детска радост“ од 1994 година.

„Како што истакнува приредувачот на ова издание, нашиот истакнат поет Гане Тодоровски ‘…Во таа чест, му ја претставуваме на читателот оваа мала книшка со песната Т`га за југ препреана на повеќе јазици како полногласен показ за проникнувањето на литературите ширум светот, како потврда дека големата мисија на литературата е да ги зближи народите од сите континенти и да ја афирмира големата идеја за создавање на иден свет без граници…’ и понатаму во предговорот ‘…Во оваа едиција претставуваме 74 адаптации на 43 јазици (преводи, препеви, парафрази,имитации, транскрипции и сплантации) на Т`га за југ од пријателите на македонската поезија, од учесниците на СВП и од почитувачите на уметноста на зборот од сите меридијани на светот, надевајќи се дека ќе продолжи животот на песнава која претставува вистинска драгоценост во културната ризница на еден мал народ, кој веќе со милениуми грчевито се бори за да опстои“, посочуваат од поетската манифестација.

Од СВП истакнуваат и дека поставувањето на ова издание е почеток на проектот за дигитализација на богатата издавачка продукција на Струшките вечери на поезијата која што на овој начин ќе биде достапна за најширокиот круг на читатели.

„Освен дигиталната верзија на изданието, покрај оригиналот на македонски јазик, ги издвоивме и препевите на англиски, албански и француски јазик. Исто така, покрај кратката биографска белешка за Константин Миладинов (чиј автор е струшкиот историчар Петар Аврамоски) ќе може да ги прочитате и толкувањата на Т`га за југ (пократкото, од Гане Тодоровски и поопсежното толкување од уште еден великан на македонската поезија, Блаже Конески)“, додаваат оттаму.