Национален спорт ни станува кој колку повеќе ѓубре ќе создаде зад себе

176

Кога се давиме во ѓубре, Владата крати средства на животната средина. Со ребалансите на Буџетот на државата за 2020 година се предвидени за 90 проценти помалку средства за чистење на дивите депонии кои никнуваат како печурки по дожд, а две третини од предвидените средства за набавка на делови и за нови инструменти за мерење на квалитетот на воздухот, се исто така скратени. – Во фаза сме на неконтролирано создавање диви депонии – сметишта. Национален спорт ни станува кој колку повеќе ѓубре ќе создаде зад себе и колку побрзо ќе се наполни веќе исчистена дива депонија бидејќи надлежните, едноставно, одбиваат да инвестираат во камери или чуварски служби, вели Невена Георгиевска од О2 Иницијатива

Владата крева раце од животната средина, а граѓаните се надеваат дека тоа ќе биде привремено со оглед на огромниот број проблеми и жешки еколошки точки што ги има насекаде на територијата на Скопје.

Со ребалансите на Буџетот на државата за 2020 година се предвидени за 90 проценти помалку средства за чистење на дивите депонии кои никнуваат како печурки по дожд, а две третини од предвидените средства за набавка на делови и за нови инструменти за мерење на квалитетот на воздухот, се исто така скратени.

Во ребалансите на државната каса не се предвидени дотации за оваа година за општините Чаир, Гази Баба, Центар, Аеродром и Кисела Вода, како надоместок за производство на енергија од фосилни горива. Нема ни за рехабилитација на загрозена група на деца.

– Во фаза сме на неконтролирано создавање диви депонии – сметишта. Национален спорт ни станува кој колку повеќе ѓубре ќе создаде зад себе и колку побрзо ќе се наполни веќе исчистена дива депонија бидејќи надлежните, едноставно, одбиваат да инвестираат во камери или чуварски служби – вели Невена Георгиевска од О2 Иницијатива.

Инаку, за чистење на диви депонии се скратени 1.323.500 евра, за набавка на делови и нови мерни инструменти за мониторинг станици е скусено за 652.500 евра, укинати се 635.000 евра за дотации како надоместок за производство на енергија од фосилни горива на општините, како и 559.000 евра помалку за отстранување на линданот. Нема и 33.000 евра за рехабилитација на загрозена група на деца.

– Линданот, секоја година еве само што не почнале да го отстрануваат од депониите во ОХИС. Генералниот секретар на Владата, Рашковски пред две години ни изјави дека двете депонии со линдан ќе бидат деконтаминирани паралелно. И не е само линданот таму, туку е проблем и живата, и ред други канцерогени супстанции. Наместо да сведочиме за конечно чистење на сите токсични супстанции од тие мегатонски канцерогени депонии, 70 проценти од средствата за отстранување на линданот се тргнати – велат од граѓанската 02 Иницијатива.

Оттаму додаваат дека она што треба да го сфатиме сите како држава е минимизирање, потценување и одлагање на решавањето на проблемите поврзани со загадување, заштита на животна средина и климатските промени.

– Очигледно доцна сфативме дека пред 29 години купивме куќа без тоалет. Во цела Македонија нема ниту една легална депонија. Ниту „Дрисла“ не ги исполнува сите услови. А тоа значи дека сè уште го користиме полското веце. Сега кога веќе нема услови ајде ќе градиме. Трагедија – коментира Дејан Димитровски, советник од општина Гази Баба од Зелената партија – ДОМ.

– Мерки, без сериозен буџет за нивно спроведување, како и без донесување издржани приоритети и соодветни политики, нема да мрднеме ниту чекор – смета – Софија Граматова Македонска.

(С.Бл.)