Населба Пролет ќе ја добие најмодерната градинка за 150 деца

642

По изградбата на основното училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец, Општина Центар продолжува со реализација на уште еден капитален проект, а тоа е изградба на градинка во Пролет која ќе биде најмодерна во Македонија.

Детската градинка е предвидена да биде со капацитет за околу 150 деца, организирани во девет занимални, по возрасни групи.

Како што информираше градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, локацијата на оваа градинка е во централното градско подрачје, со густа населеност, со аголна поставеност и граничи со собирната улица „Никола Карев“ и станбената улица „Мирче Ацев“.

– Со оглед на тесната локација при процесот на проектирање, посебно се внимаваше да бидат задоволени сите услови предвидени за детски градинки, а воедно да се почитуваат и побарувањата на инвеститорот. Локацијата е приклучена на постојната инфраструктура – објасни Богдановиќ.

Детската градинка ќе биде на приземје и еден кат со вкупна површина од 2.760 квадратни метри. Во отворениот дел обезбедено е 20 проценти зеленило од градежната парцела каде ќе можат децата од 2 до 6 години, кои ќе бидат сместени во приземјето во 5 занимални, да излезат во дворот каде е предвидена урбана градина со сандаци со песок и земја, детски реквизити (лизгалки, лулашки, мостови), до кои можат да пристапат и децата со попреченост во движење.

На катот се сместени четири јасли, групирани по две занимални и заеднички простор за санитарен дел, ќе има и галерија и тераса. На катот е сместен и делот за администрација, каде се предвидени просторија за раководител, сала за состаноци, просторија за благајник и сметководител со свој санитарен дел.

Во подрумскиот дел е сместена и централната кујна која е во функција само за потребите на градинката, додека во приземниот дел сместена е помошна кујна која служи само за миење на садови. Освен тоа, обезбеден е и паркинг-простор со контролен пристап преку рампа во објектот.

Како што истакна Богдановиќ, изградбата на градинката ќе започне во јули, а ќе чини 133 милиони денари без ДДВ.

(А.П.)