„Сметам дека ова е удар врз општото добро, спрема сите граѓани на градот, без разлика на припадност. Тоа е удар врза културата“, вели за весникот ВЕЧЕР, Даријан Сотировски, како реакција на уништувањето на муралот, на академскиот сликар Павле Кузмановски, во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Муралот беше пребојадисан во рамките на реконструкцијата на објектот.  Постапката предизвика бурни реакции и осуда во јавноста и кај надлежните институции, а веќе се преземаат и чекори за расчистување на случајот и утврдување на одговорноста 

 

„Скандалозен удар врз културата во државата“, „Непримерен чин за секоја осуда“, „Обезвреднување на општото добро“… Ова се само дел од бурните реакции во јавноста, предизвикани од скандалозната постапка, која се случи деновиве во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, во која едно уметничко дело, поточно мурал на академскиот сликар Павле Кузмановски, од 1966 година, беше скандалозно уништено. Имено, муралот насловен „Образование“ при реконструкцијата на објектот е пребојадисан со бела боја?!

По овој повод, кој беше осуден од јавноста, но и од надлежните институции во државата, реагираше и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници, кој и самиот учел во ова училиште.

„Ужасен, непримерен, непрофесионален и штетен е чинот едно вредно уметничко дело, создадено далечната 1966 година, да биде пребојадисано со поликолор, наместо соодветно да биде негувано, реставрирано и со него да се гордеат и идните генерации. Ваквата постапка на директорот на гимназијата треба да повлече одговорност, затоа што на врвната македонска култура и уметност не смее да и пресудува волунтаризмот на поединци“, напиша на социјалните мрежи Сотировски. За весникот ВЕЧЕР, пак, тој посочи дека веќе разговарал со неколку институции и правници од соодветна област со цел да се види што во случајот може да се преземе.

„Сметам дека ова е атак спрема општото добро, спрема сите граѓани на градот, без разлика на припадност. Тоа е удар врз културата. Муралот по толку години е  бесценет. Затоа одлуката на директорот да го пребојадиса е обезвреднување на имотот на училиштето. По правило директорот е обврзан да го унапредува и да го зголемува имотот, а не да го уништува. Тука има многу аспекти за кои треба да одговара. Прво, уништува култура, второ повредува нечие авторско дело кое може да биде реставрирано од самиот уметник, кој е жив и здрав, а не да го пребојадиса и трајно да го уништи“, додава Сотировски. Тој за весникот ВЕЧЕР, исто така, додаде дека, ќе се разговара и со стручни лица за да се види дали е можно муралот да се „врати“. Сепак, од самиот разговор со уметникот, смета дека најверојатно тоа е невозможно поради врзување на бојата со претходниот слој.

Од Управата за заштита на културното наследство, пак, се сложуваат дека се работи за непримерен чин, но и дека делото претходно не било евидентирано и заштитено.

„Ние немаме никаков документ за овој мурал. Ниту е евидентиран, ниту е заштитен. Законски не можеме да реагираме, освен морално. Постапено е некоректно. Тоа е сепак имот на училиштето. Директорот требаше да се информира за што се работи. Тоа не е обичен „молерај“ туку уметничко дело. Можеше ова дело да се реставрира, бидејќи е дел од училиштето, од неговата традиција. Ова е контра образованието. Сепак треба да се има почит кон делото, и авторот, но и годините во кои тоа дело опстојало. Тоа е сепак културно наследство, уметничко и духовно“, вели Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Од Министерството за образование, пак, иако не се изјаснија дали и какви чекори ќе бидат преземени во случајот, сепак во изјавата за весникот ВЕЧЕР ја осудија постапката.

„Министерството за образование и наука упатува апел дека културното наследство треба да се чува и негува. Вредноста е непроценлива и не смееме да дозволиме истата да се изгуби. Јавните основни и средни училишта се под надлежност на општините, односно локалните самоуправи се нивни основачи. Воедно секое училиште има раководни структури кои се задолжени за организација на работата, а меѓудругото и за одржување на објектите и заштита на инвентарот“, велат од МОН.

Инаку, сликата е во модернистичко-кубистички стил, која од 1966 година претставуваше белег на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Направена е во рамките на дипломската работа на сликарот Кузмановски, кој го замолил  тогашниот директор на гимназијата „Методија Пачаџиев“ бесплатно да направи фреска во гимназијата. Сепак, наставничкиот совет на гимназијата донел одлука да го награди за делото со 50.000 динари.

Теута Лала, директорка на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, пак, тврди дека се консултирала со инспектори, дека муралот бил оштетен од водата, но и дека не бил од национално значење за државата, по што дозволила сликата да биде премачкана со бела боја?! (Д.Т.)