Народна банка за првпат објави податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија

42

Народната банка за првпат објави статистички податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија. Податоците се значајна аналитичка алка и важен извор на информации за согледување на финансиското однесување на секторите во националната економија.

Од Народната банка информираат дека податоците се изработени согласно меѓународните и европските статистички стандарди.

– Започнувањето со објавување на статистичките податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија е исклучително важен момент за нашата национална статистика. Од денес, корисниците на статистичките податоци имаат на располагање детални информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврски на одделните сектори во економијата, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и за меѓусебната
финансиска поврзаност на секторите во нашата економијата. Со ова, носителите на политиките ќе имаат уште поцврста статистичка основа за носење на своите одлуки и клучно – сите ќе имаме уште појасна слика за трендовите во нашата економија, вели во видео обраќање гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Посочува дека статистиката на финансиските сметки е исклучително важна, но и една од најкомллексините статистики.

– Меѓународните искуства потврдуваат дека процесот на изработка на статистиката на финансиските сметки е исклучително сложен и бара големи, долготрајни вложувања. Оттаму, денес, треба да сме горди за постигнатото по неколкугодишното вложување на тимот на Народната банка, а тоа е објавувањето на оваа статистика и кај нас, истакнува Ангеловска-Бежоска, додавајќи дека институцијата останува посветена на целосно исполнување на највисоките статистички стандарди.