Наместо домување да се предвиди велосипедска патека и зеленило во Влае 2

207

Од „На точак“ сметаат дека наместо велосипедски патеки и зеленило на државното земјиште покрај улицата „Ангел Динев“ и училиштето „Димо Хаџи Димов, планерите предвиделе домување и со тоа ја уништиле единствената можност за попречна велосипедска патека во Влае што ќе ги поврзе „Партизанска“ и „Васил Чакаларов“

Неформалната група скопски велосипедисти „На точак“ бара да се повлече и да се доработи регулацискиот план за Влае 2 (Градска четврт С3 19). Сметаат дека наместо велосипедски патеки и зеленило на државното земјиште покрај улицата „Ангел Динев“ и основното училиште „Димо Хаџи Димов“, планерите предвиделе домување и со тоа ја уништиле единствената можност за попречна велосипедска патека во Влае која ќе ги поврзе „Партизанска“ и „Васил Чакаларов“.

Барањето за повлекување на регулацискиот план го доставиле до скопскиот градоначалник Петре Шилегов, до градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, до сите советници на Град Скопје, како и до Координативното тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје.

– Во случајот со овој блок (меѓу булеварите „Климент Охридски“, „Партизански Одреди“, „ВМРО“ и „Илинден“), улиците од примарната мрежа се доволно блиску за да се оформи такво прифатливо поле на велосипедската мрежа од 200 до 300 метри (поточно на 100 до 150 метри од сечиј дом да има велосипедска патека/лента, според препораките за велосипедски мрежи во урбана средина), но во повеќето случаи свесни сме дека велосипедските врски ќе мора да се обезбедат на секундарната мрежа, бидејќи булеварите се подалеку едни од други – пишуваат „На точак“ во барањето.

Тие сметаат дека кога се работи за регулациски планови, Градот го одредува профилот на дел од улиците од секундарната мрежа (сервисните улици).

– Со овој регулациски план, сервисната улица „Ангел Динев“ во Влае 2, во споредба со ДУП-от за Влае 2, го намалува својот профил од 25,6 метри на 11,5 метри. Претходно, останатите 14,1 метри (појасот државно земјиште вдолж улицата, пред куќите, а спроти школото) биле предвидени за сервисна улица и паркирање. Со овој регулациски план тие се предвидени за домување, наместо да останат како јавно земјиште, но со намени според потребите на денешното време, потенцираат од „На точак“.

Сметаат дека тие 14,1 метри би можеле да станат велосипедска патека во две насоки (3 метри) и линеарен парк (широк 11,1 метри) со различни содржини за граѓаните и учениците на ОО „Димо Хаџи Димов“, кое се наоѓа од другата страна на улицата.

– Улицата покрај училиштето можела да се доближи до објектите и да се претопи во зеленилото, да се добие убава локална улица по најсовремени стандарди. Исто така, на јужниот крај на улицата „Ангел Динев“, државното земјиште спроти маркетите кое моментално се користи како нелегален паркинг можело да стане локален парк, наместо зона за домување – велат од „На точак“.

Од Град Скопје сметаат дека реакцијата на „НаТочак“ е задоцнета, бидејќи планот веќе помина неколку претходни стручни фази и на комисија на Советот на Градот.

– Град Скопје се обидува да постави велосипедска патека секаде каде е можно на градските улици. Но, оваа е општинска улица и дали крај неа ќе има велопатека, парк, паркинг или нешто сосема друго, одлучува општината, а не градот – децидни се градските власти и додаваат дека ќе се обидат да организираат состанок со „На точак“ и Општина Карпош за да им помогнат со своја експертиза да дојдат до решение со кое на велосипедистите ќе им се овозможи безбедно и одвоено возење низ населбата Влае.

Од Општина Карпош се оградуваат образложувајќи дека сите регулациски планови ги носи Градот Скопје и истите ги усогласува согласно важечкиот Генерален урбанистички план (ГУП).

– И Регулацискиот план за Влае 2 (Градска четврт СЗ 19 )го подготвува Агенцијата за планирање на простор, по нарачка на Градот Скопје. Сепак, регулацискиот план предвидува само намена, но поконкретно маркиците се планираат со Детален урбанистички план, кој го носат општините. Така што, не е точно дека на тој дел не може да се предвиди и зеленило, парковски површини или велосипедска патека. Тоа подетално се уредува со ДУП – одговорија од Општина Карпош.

 (А.П.)