Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, втора година по ред објавува Јавен повик за бесплатно отворање на е-продавници, а го реализира во партнерство со компанијата „Виса“.

Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои сè уште не ги продаваат своите производи или услуги онлајн, со цел да добијат можност да отворат дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на локален маркетплејс или своја е-продавница со сопствено софтверско решение, да го зголемат своето онлајн присуство, да се во тек со последните трендови во е-трговијата и да ги зајакнат дигиталните вештини поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг.

Јавниот повик се состои од поддршка на 20 компании со вредносни пакети од 1.000 евра за отворање на нов продажен канал – е-продавница и учество на еднодневен едукативен практичен семинар. Поддржаните компании ќе имаат можност да одберат да отворат нов продажен канал – е-продавница во текот на мај и јуни 2024 година.