Над 200 теренски го возеа „Џип-рели Калин Камен 2019″ 

389

Во Крива Паланка се одржа традиционалната авантуристичко-адреналинска манифестација „Џип рели Калин Камен 2019“ во организација на локалната самоуправа на општина Крива Паланка и Здружението „Офф-роад Осогово“.

Над 150 џипови, шеесетина мотори и останати теренски возила учествува на годинашното издание на релито што го одбележаа два новитети: нова рута и дводневна агенда.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски истакна дека општината има голем природен потенцијал, можности за авантуристички планински туризам и други видови адреналински спортови, како и голем број културни знаменитости кои се обиделе со видоизменетата маршрута на релито да ги опфатат, вклучувајќи ги во своевиден кружен тек околу градот низ планинските предели.

– Првиот ден по стартот од градскиот плоштад и обиколка на местата предвидени со агендата, беше заокружен со забава кај езерата на Калин Камен и кампување, а вториот ден се продолжи со другите локални обележја и враќање во градот. Благодарение на поддршката од „Тиквеш“ и „Еко лајф“ како генерални покровители, но и на останатите бројни локални поддржувачи организацијата се одвиваше беспрекорно, а се покажа дека овој тип дводневна агенда е одличен учесниците покрај уживањето во авантурата и убавините на природата, да се дружат, забавуваат и запознаваат подобро. Се надевам со добрите импресии оттука ќе го промовираат нашето рели и ќе поканат следната година поголем број нивни пријатели, рече Мицевски.

Од име на општината тој на Калин Камен им додели благодарници и плакети, како и сортни вина на претставниците од офф-роад здруженијата, гостите и чинителите што, како што истакна, го направија ова рели настан за кој ќе се говори.

„Рели Калин Камен” се одржува повеќе од една деценија, досега се одржуваше по повод денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, а основачите, авто – мото клубот „Офф-роад Осогово” возеа еднодневна рута.

Годинава е направена нова дводневна агенда што ги поврза бројните локалитети и природни знаменитости на градот, од испосницата на св. Јоаким Осоговски во селото Градец, преку врвовите Биљино, Чупино Брдо, црквата Св.Петка, тромеѓето на Република Северна Македонија со Бугарија и Србија, во првиот ден, со забава под отворено небо на Калин Камен преку Царев врв, Костадиница, брана Калиманци, Почивло кај селото Острец и карванско возење до Крива Паланка.

Овој настан е можност Крива Паланка да се вброи во мапата на задолжителни локации за посета за сите љубители на авантура и добра дружба во прекрасниот амбиент на Осоговските Планини.