Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, потврди дека ќе учествува на претстојниот Мастерс во Мадрид, кој започнува во понеделник. Оваа вест тој ја потврди на својот Твитер профил и нема дилеми дека подготвен ќе пристигне на Ролан Гарос што е негова главна цел.

Мастерсот во Мадрид годинава ќе се игра од 2 до 8 мај, а веќе е познато дека натпреварувањето ќе биде пеколно. Новак Ѓоковиќ, Александар Зверев, Стефанос Циципас, Андреј Рублев и други добија уште еден многу атрактивен противник Рафаел Надал.

-Иако неодамна пристигнав дома и подготовките за овој турнир не се идеални, имам голема желба да играм пред домашната публика, бидејќи има малку можности. Ќе дадам се од себе да одиграм најдобро што можам и да се видиме во Мадрид, напиша Надал.

Вражање на терените најави и Швајцарецот Роже Федерер, но за во октомври годинава. Тој планира да игра на турнирот во Базел. Пред да се појави на овој турнир, 40-годишникот се очекува да настапи на Лејвер Купот. Последниот меч на Федерер датира од ланскиот Вимблдон, каде во четвртфиналето загуби од Хуберт Хуркач.