Шпанскиот тенисер Рафаел Надал има намера да игра на грен слем турнирот Ролан Гарос во продолжение на сезоната и покрај тоа што пред само два дена го откажа настапот на САД Опен поради опасност од зараза со коронавирусот.

Шпанецот самиот потврди дека намерата му е да игра во Париз на Ролан Гарос кој треба да почне на 27 септември. Сепак, конелната одлука се уште ја нема донесено, но ако епидемиолошката ситуација биде добра, тој сигурно ќе ја брани титулата на својот омилен турнир.

-Да, тоа е мојата намера и спремен сум за тоа, но мора да ги чекаме случувањата како се ќе се развива. Вистина е дека последнава недела ситуацијата со коронавирусот малку се влоши, но мојата намера е да играм на Ролан Гарос. Ќе се подготвам за сезоната на земја во Европа, а кога ќе дојде врем за турнирите ќе ја донесам одлуката. Едноставно ќе видиме како ќе биде целата ситуација во Европа, изјави Надал.

Тој додаде дека САД Опен и без него ќе остане голем турнир, бидејќи на него ќе играат многу познати тенисери. Зa овој турнир моментно е пријавен светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ. Но Србинот се уште не е сигурен дали ќе игра во Њујорк.

Надал во случај да игра во Париз ќе ја лови својата 13. титула на Ролан Гарос.