Мундијалот во Катар ќе биде последното „нормално“ СП

218
epa10117628 Soccer fans cheer during the ceremony of the Qatar 2022 FIFA World Cup countdown clock, marking 100 days to go till the beginning of the tournament in Doha, Qatar, 12 August 2022. EPA-EFE/NOUSHAD THEKKAYIL

Стартуваше Светското првенство во Катар, кое е дефинирано како најконтроверзно во фудбалската историја. Голем е бројот на навивачи кои го бојкотираат Мундијалот поради фактот дека се одржува во земја која не ги почитува човечките права и која нема речиси никаква фудбалска традиција, а самата организација беше доделена во времето кога еден дел од челниците на ФИФА беа уапсени поради корупција.

Сепак, поради неколку причини, ова може да биде последното „нормално“ Светско првенство. Мундијалот во Катар ќе биде последниот со 32 репрезентации. Веќе од следното СП, кое ќе биде одржано во 2026 година, право за настап ќе имаат дури 48 репрезентации. Освен по бројот на репрезентации, следниот Мундијал ќе се разликува уште по неколку работи.

Од додатните 16 репрезентации, три места ќе добијат азиските, четири африканските, две северноамериканските, две јужноамериканските, три европските и една пацифичка репрезентација. Послениот патник ќе биде познат откако ќе биде одигран меѓуконтиненталниот бараж.

Голема промена ќе има и во форматот. За разлика од досегашниот систем во кој две од четирите репрезентации обезбедуваат пласман во 1/8 финалето, на следниот Мундијал ќе имаме 16 групи со по три репрезентации.

Пламан во следната елиминациска рунда ќе обезбедат две репрезентации, но ќе мора да одиграат уште едно додатно коло во нокаут-фазата, 1/16 финале со 32 репрезентации. Наместо досегашните 64 натпревари, за четири години ќе има 80 натпревари.

Светското првенство 2026 ќе биде првиот Мундијал кој е организиран од три домаќини – САД, Мексико и Канада. До сега само СП 2002 беше организирано од две земји, Јапонија и Јужна Кореја.

Големи се шансите и Мундијалот во 2030 година да биде организиран од повеќе држави. Единствен самостоен кандидат е Маркоко, а понуда за заедничка организација веќе испратија Португалија/Шпанија/Украина, како и Парагвај/Уругвај/Чиле/Аргентина. Исто така, за првпат во фудбалската историја има меѓуконтинентална номинација и тоа од Египет/Грција/Саудиска Арабија.