Мостот е речиси готов, пролетва почнува пробивањето на булеварот низ Керамидница

954

Мостот кај хотел Русија што треба да ги поврзе Аеродром и населбата Керамидница е во завршна фаза. Градежната компанија „Гранит“ интензивно работи на 150-метарскиот мост преку Вардар кој треба да го спои булеварот АСНОМ со новиот булевар што треба оваа пролет да се пробие низ Керамидница и да излезе кај Сајмиште.

– Град Скопје работи на реализација на мега проектот за поврзување на општините Аеродром, Центар и Гази Баба преку изградбата на новиот булевар АСНОМ. Во тек втората фаза од проектот, а тоа е изградбата на новиот мост на Вардар, и тој е во поодмината фаза и очекуваме градежните работи за завршат летово. Со оваа фаза се врши продолжување на делницата од крстосницата со улицата „Васко Карангелески“ (кај хотел Русија) до кејот на реката Вардар, како и изградба на мост. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со шест коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни – информираат од Град Скопје.

Минатата година заврши целосната реконструкција и проширување на булеварот АСНОМ на потегот од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до крстосницата со булевар „Србија“ кај мостот „Близнак“. Проширениот булевар во Аеродром има по три сообраќајни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни и средишно зеленило.

– Потоа ќе преостане последната, трета фаза, која е од новиот мост, преку Ќерамидница, ќе се поврзе со булевар „Гоце Делчев“, кај поранешниот Скопски саем. Најголемиот број на имотно-правните односи на трасата на третата фаза се завршени, а реализацијата ќе започне по завршувањето на сите тендерски постапки – велат од Градот.

И оваа траса на потегот од улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром до улицата „Индустриска 1“ во Керамидница треба да ја изгради „Гранит“ во рок од 550 дена и ќе над 5,9 милиони евра. На трасата треба да се урнат околу 180 објекти.

На жителите на Керамидница уште отсега им пречи движењето на тешката механизација која работи на изградбата на мостот. Се жалат на прашина и на оштетување на улиците за што неодамна имаа средба со градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски кој им вети решение за проблемот.

– Развојот на општината го поддржуваме, но секогаш сме и ќе бидеме на страната на граѓаните. Улиците каде се ќе движи механизацијата ќе мора редовно да бидат чистени од прашината, како обврска на инвеститорот. Исто така, сите оштетени улици ќе бидат санирани – дециден е Георгиевски.

(С.Бл.)