Младите веќе си заминаа и ни за 20 илјади евра не се враќаат на нивите

Мерките на Владата за млади земјоделци задоцнети. Ни 20.000 евра, ни ослободување од плаќање закуп за државно земјоделско земјиште не се доволен мотив за младите да се вратат на нивите. Експертите коментираат дека мерките се добри, но оти се малку задоцнети, бидејќи младите веќе одамна си заминаа од државата

378

Интересот за земјоделство во Македонија фрапантно се намалува. Голем дел од земјоделските култури изумираат, нема која да ги сади, а селата се празни. Од земјоделска земја сега не може ни трактор да се сретне по нивите, станавме зависни од увоз и на оние земјоделски производи со кои порано ја снабдувавме цела поранешна Југославија. Поради ова, експертите сметаат дека мерките на Владата за враќање на младите во селата се задоцнети бидејќи голем дел од младите си заминаа од државата, а тие што останаа не сакаат да се занимаваат со земјоделство.

Во буџетот за земјоделство за наредната година најмногу пари се издвоени за млади земјоделци. Едната е старата мерка од 10.000 евра за млади земјоделци, а другата 20.000 евра за млади до 40. година која се воведе со измените на Законот за земјоделство и рурален развој.

-Овие мерки се добри, но се малку задоцнети бидејќи голем дел од младите се веќе иселени од државата. Демографската миграција е голем проблем за Македонија и покрај климатските промени е еден од двата клучни проблеми со кои се соочува земјоделството. Интересот за земјоделство фрапантно се намалува. За да се промени состојбата потребни се покомплексни мерки, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората при ССК.

Тој појаснува дека секоја мерка која придонесува за враќање на младите во земјоделството е добра ако правилно се употреби, но не значи дека е доволна.

-Не се работи за пари, туку за многу пари кои ќе ги натераат младите да останат тука. На македонското земјоделство му недостасуваат нови технички решенија. Жалосно е што многу млади во државата не знаат што е земјоделство. Земјоделството е многу сериозна работа и бара претходни знаења и подготовки, вели Оровчанец.

Според него, последниве години значително е опаднат и интересот на младите за студирање на Факултетот за земјоделски науки и храна. –За да имате земјоделска аптека потребен е агроном, за секоја земјоделска компанија потребен ви е агроном, за производство на семе потребен е агроном, а агрономи во државата нема, додава Оровчанец.

И според претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров мерките на Владата се задоцнети бидејќи младите веќе одамна се иселија од селата.

Овие 20.000 евра не се доволни за почеток на некој бизнис, со нив не може да се купи нива, но може да се купат овци, крави и да се почне со некакво производство. Но, за жал, поради ниските откупни цени на земјоделските производи, млекото и на месото никој не сака да се занимава со земјоделство и сточарство, а младите одамна веќе ги нема по нивите, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.

Интересот за земјоделство во државата се намалува воопшто, не само кај младите. Во Македонија има 68.000 хектари под пченица за разлика од пред 25 до 30 години кога површините достигнуваа 280.000 хектари.

(А.С.)