Капитенот на македонската женска кошаркарска репрезентација, Анџелика Митрашиновиќ, беше прв поентер на Ф4 турнирот од ВАБА лигата кој се одигра викендот во Подгорица.

Митрашиновиќ, заедно со Шарека Мекнил од тимот на Војводина, е прогласена за најдобар стрелец на турнирот.

Македонката беше единствената светла точка во екипата на Монтана на собирот на најдобрите четири екипи во женската Јадранска лига, но, нејзините обиди останаа без вистинска поддршка од соиграчите, па Монтана заврши на последното место на „фајнал-фор“ турнирот.

На двата натпревари кои ги одигра во главниот град на Црна Гора, Митрашиновиќ постигна вкупно 42 поени, колку што имаше и Мекнил.

На мечот за третото место, против екипата на Војводина, нашиот репрезентативен бек реализира 28 поени, или точно половина од вкупниот број постигнати на нејзината екипа (56:64).

Инаку, титулата во ВАБА лигата и оваа сезона ја освои словенечкиот тим Цинкарна Целје која во финалето го победи домаќинот Будуќност со минимални (66:64), а за најкорисна на завршниот турнир е прогласена Блажа Чех од шампионската екипа.