Милорад Додик – претседател кој не ја признава сопствената земја

Босна и Херцеговина е во голема криза која би можела да има тешки последици, како за Западен Балкан така и за цела Европа, предупредува во анализата за Дојче веле, поранешниот висок претставник во БиХ, Кристијан Шварц-Шилинг

92

Минатата недела, германскиот весник „Тагесцајтунг“ објави текст на Ерих Ратфелдер под наслов „Босна пред понор – во БиХ јакне влијанието на националистички струи – меѓународните институции тоа го дозволуваат“. Некои сигурно се прашуваат дали ситуацијата е навистина толку тешка или, пак, се претерува. Мојот одговор, за жал, гласи: да, ситуацијата е навистина тешка! Ако Запад и натаму се задоволува со улогата на посматрач, земјата ќе се распадне и тоа ќе има тешки последици за цел Западен Балкан, но и за Европа! – пишува за Дојче веле поранешниот висок претставник во БиХ Кристијан Шварц – Шилинг.

Адвокат на српските интереси

Во БиХ од почетокот на годинава на чело на државата се наоѓа Милорад Додик. Тој е претставник на босанските Срби во Република Српска, еден од двата ентитети во БиХ и моментно ротирачки претседавач со тричленото Претседателство. Додик е екстремен српски националист кој исклучиво се раководи од српски интереси, при што преминува преку интересите на заедничката држава, не обѕрнувајќи се на штетата која со тоа ја нанесува.

Самиот Додик отворено вели дека не се чувствува како претседател на Босна и Херцеговина, која за него всушност воопшто не постои, туку дека само ги застапува интересите на српскиот народ. Тој спречува формирање влада така што одлуката на еден од своите претходници, Небојша Радмановиќ, ја прогласи за неважечка и надмината. Станува збор за Годишната национална програма (“Annual National Programme”), која е предуслов за пат во НАТО. Додик во својата националистичка партија Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Република Српска наложил донесување соодветна одлука која е во спротивност со поранешните одлуки на српските претставници и која РС ја истакнува како предуслов за формирање влада.

Апсолутна политичка стагнација

Со оглед на тоа што партиите во вториот и третиот ентитет, Федерацијата БиХ, не сакаат да дозволат такво недемократско и антипарламентарно однесување, неможно е формирање влада, што пак за последица има апсолутна политичка стагнација. Од почетокот на јули е неможно донесување одлука за усвојување на буџетот, така што никој не знае како од 1 јули ќе се исплаќаат плати за службениците и државните административци. Последниот ден кога Парламентот на БиХ можеше да избере делегати за Парламентарното собрание на Советот на Европа, беше 24.06.2019. Не дојде ни до тој избор. Причина не беше пропуст на Парламентот на БиХ, туку партијата СНСД, чиј претседател е Додик. Пратениците од СНСД намерно не се појавија на седницата и со тоа го оневозможија изборот на делегати за Советот на Европа.

Кристијан Шварц-Шилинг

Во својата колумна Шилинг нагласува дека БиХ моментно е единствена земја во Европа која нема да биде застапена во Парламентарното собрание на Советот на Европа. А тоа се случува во земја која на својот пат кон ЕУ мора да исполни бројни задачи и обврски. Притоа ова е само мал пресек на случувањата од последните четири седмици.

Документ невиден во дипломатската историја

Заслужува да се спомене и „пригодното“ писмо на претседателот Додик кон амбасадорката на Германија во БиХ во заминување, Кристијане Хохман. Додик напиша дека не му е важна нејзина проштална посета: „Вие како амбасадорка на СР Германија во БиХ во изминатите повеќе од три години работевте на штета на српскиот народ и Република Српска, а со тоа и против самата БиХ и нејзиното со устав предвидено уредување. Вашите јавни настапи и дипломатски активности во текот на Вашиот престој во Сараево беа политички обоени, субјективни и дипломатски непримерни, за што ќе ги известам и највисоките претставници на СР Германија.“

Ова е уникатен документ во историјата на дипломатијата. За Додик би било добро кога нешто би научил од својот близок колега – српскиот претседател Александар Вучиќ, пред да го испрати следното проштално писмо до некој од членовите на дипломатскиот кор во Сараево.

Додик одамна тврди дека ужасниот геноцид во Сребреница, кој по повеќегодишна истрага и низ највисоки судски одлуки го потврди Меѓународниот суд во Хаг, не се случил. Сега, на функцијата претседател на БиХ, Додик на ист начин тврди дека немало геноцид во Сребреница, што е провокација не само за жителите на БиХ, туку и за меѓународната заедница. Во Германија и некои други држави негирањето злосторство е кривично дело и кривично се казнува. Кога такво нешто ќе се случи во БиХ? Кога таму ќе бидат повлечени правни консеквенци и кога ќе дојде до отповикување на еден ваков претседател?