„Метафора на телесното“ – скулптури на Слободан Милошески во Истанбул

92

Во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, на 10 ноември ќе биде отворена изложбата на скулптури од Слободан Милошески насловена „Метафора на телесното“.

„Во основа на оваа изложба се сретнуваме со апропријација на идејата за визуелни поместувања и дезагрегација на структурата, која се трансформира во асоцијативно-симболичка форма. Со тоа авторот Милошески доста успешно покушува да ги разбие едноличните претстави на определени визуелно-естетски проблеми, стварајќи притоа една духовна и енергетска опоненција, која се раѓа во првиот контакт со визуелната целина. Неговите дела, иако во конкретната поставка се со мали димензии, не се само апстрактно-асоцијативни формации, туку тие се и аксиолошки, вредносни системи. Скулпторските дела претставени на оваа изложба концепциски се повеќе димензионално поврзани и претставуваат процес во тек, при што тие заеднички си потопомагаат во истрајноста на просторното коегзистирање…“, се посочува меѓудругото кон изложбата.

Слободан Молошески (1977), дипломира на ФЛУ во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедрата „Скулптура“. Има реализирано 22 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 14 награди и признанија, од кои најзначајни се: наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од ДЛУМ во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 и Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020. Автор е на скулптурите на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“… Член на ДЛУМ од 2009, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.